За седум месеци пристигнале 21.000 мигранти во БиХ
Босна и Херцеговина се соочува со сè поголем број мигранти, а од почетокот на годинава во Унско-санскиот Кантон пристигнале 21.000 мигранти, рече министерот за внатрешни работи на кантонот, Нермин Кљајиќ.
Тој посочува дека, според показателите, бројот на мигранти се зголемува во однос на минатата година.
„Имаме повеќе мигранти во текот на првите седум месеци од оваа година отколку во текот на целата 2018 година. Повеќето од нив доаѓаат од Пакистан, Авганистан и Мароко“, изјави Кљајиќ за „Дневни аваз“.
Според него, има далеку поголем број мигранти надвор од прифатните центри затоа што целото сместување во прифатните центри е зафатено.
Кљајиќ предупредува дека состојбата се влошува од ден на ден и дека грижата за исхраната и здравствената заштита е препуштена на меѓународните организации.