За првпат кај нас ќе се воведува технологија за анализа на квалитетот на сточната храна

Денеска во Битола се одржа првата од циклус обуките за анализа на квалитетот на сточната храна со користење на NIR (Near Infrared Spectroscopy) уреди.

Овие уреди за првпат се воведуваат во млекопроизводствениот процес во земјата преку активност која е заеднички финансирана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и Млекара АД Битола, со дополнителни средства од млекарата Лакталис и поддршка од Здружението на производители на месни и млечни производи „Знак за квалитет“.

Обуката ја одржа Паоло Берзаги, професор на универзитетот во Падова и експерт за анализа на сточна храна од италијанската компанија GRAINIT од која беа набавени двата NIR уреди, како и придружниот софтвер за анализа на податоците за сточната храна добиени од NIR уредот.

На обуката за користење на NIR уредите присуствуваа 14 стручни лица од млекопреработувачката индустрија кои ќе бидат задолжени за тестирање на сточната храна на кооперантите на нивните компании, како и советување за како да се подобри нејзиниот квалитет, а со тоа и квалитетот и приносите на млеко.

Денешната обука е дел од циклус на три обуки кои проф. Берзаги оваа недела ќе ги одржи за преработувачите и производителите на млеко во земјата.

– Со користење на оваа технологија, фармерот во неколку секунди може да дознае каква сточна храна произведува и дава на своите крави. Оваа технологија се употребува на самата фарма, нема потреба од лабораторија и реагенси. Користејки го скенерот во NIR уредот, фармерот може да дознае од што е составена храната и со внесување на овие податоци во софтверот за балансирање на исхраната ќе се дознае каков микс треба да биде припремен, заштедувајки пари на прекумерни состојки или пак дополнителни концентрати кои се додаваат во сточната храна – објасни професорот Берзаги.

Двата уреди и придружниот софтвер за анализа ќе бидат користени од Млекара АД Битола, како и другите членки на здружението „Знак за квалитет“, за да се добијат подетални информации за составот на сточната храна која ја користат нивните кооперанти.

Анализата ќе им помогне на млекарите да ги советуваат кооперантите како да го подобрат квалитетот на сточната храна од која пак директно зависат приносите и квалитетот на сировото млеко.

Подобрување на составот на сточната храна во Северна Македонија може да резултира со зголемување на приносите на млеко за 10-15%, што би претставувал голем скок во продуктивноста на целата млечна индустрија во земјата.

УСАИД соработува со млечната индустрија за зголемување на квалитетот и продуктивноста уште од 1998 година, кога го поддржа формирањето на здружението „Знак за квалитет“, па се до денес преку Проектот за развој на деловниот екосистем, кој од 2018 година со интегриран пристап го поддржува развојот на секторот.

Започнат во 2017 година, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем цели кон зголемување на продуктивноста, приходите и работните места кај микро, малите и средните претпријатија во Македонија.

Проектот соработува со бизнис асоцијации и комори, финансиски институции, тренинг центри како и компании кои сакаат да ги развијат своите синџири на добавување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот