За подобри услови за спортување на отворено Град Скопје ќе потроши 77,5 милиони денари

Фото: Град Скопје

Град Скопје планира да го унапреди спортот во следниве три години преку капитални инвестиции, кои како што е наведено во Планот на програми за развој за периодот 2022 – 2024 година, ќе придонесат за подобри услови за спортување на отворено и подигнување на спортот на едно повисоко ниво.
За таа цел во годинешната градска каса се планирани 77,5 милиони денари, односно околу 1,26 милиони евра, додека во буџетите за наредните две години се планира да се издвојат тројно повисоки суми на годишно ниво. Па така, според она што е наведено во Планот, за спорт во 2023 година ќе се издвојат 205 милиони денари, односно 3,3 милиони евра и нешто помалку во 2024 година, кога за оваа намена ќе се наменат 200 милиони денари или околу 3,2 милиони евра.

– Со реализација на потпрограмата се планира изградба на надворешни содржини за спорт, партерно уредување и изведба на патеки на јавни површини, изградба на мини спортски игралишта и вело паркинзи, изведба на трим тартан атлетска патека, изработка на маси за играње пинг понг, шах и табла на отворено, потоа набавка, како и изградба и одржување на вело патеки за граѓаните на Град Скопје. Унапредувањето на спорт на отворено, а особено возењето велосипеди како алтернативо средство за превоз е секако во насока и на одржлива здрава животна средина и згoлемена одговорност кон нашето окружување – се прецизира во Планот на програми за развој за периодот 2022 – 2024 година.

Планот е изготвен врз основа на предлозите на Секторите на Град Скопје и во него се вклучени оние капитални проекти кои, според предлагачите, се проекти наменети за подобрување на инфраструктурата, за изградба и реконструкција на патишта и инфраструктурни објекти, за заштита на животната средина, вклучувајќи ги сите други капитални проекти каде инвестицијата опфаќа период подолг од една година.

Планот беше усвоен на последната седница на Советот на Град Скопје и стана дел од Буџетот за 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот