За Пендаровски и Река Преспанскиот договор е патот кон ЕУ и НАТО, Силјановска не мисли така

– Како ќе влезете во ЕУ ако сте против договорите со Грција и Бугарија, како ќе негувате добрососедски односи без соработка со соседите? Ако имате експлицитен негативен став по овие прашања, зборувате празна политичка реторика – и рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на својата ривалка, професорката Гордана Силјановска Давкова во вечерашната дебата на МРТВ.

Според Пендаровски, двата договора, и Преспанскиот и оној со Бугарија, се историски и ги отвораат евроатлантските перспективи на земјава, не одземајќи притоа ништо од нашиот интегритет.

– Ги поддржувам договорите со Бугарија и Грција. Во историска перспектива, Преспанскиот договор беше најдоброто можно решение за нас, ни овозможува пат кон Европа, а не ни одзема ништо. И Договорот со Бугарија е европски и не ни одзема ништо од националните интереси – нагласи Пендаровски.

Силјановска изрази сосема спротивен став. Истакна дека на Преспанскиот договор гледа низ призма на владеењето на правото. Преспанскиот договор, рече, е надвор од нашето уставното право, но и спротивно на законите, како и на меѓународното задолжително право.

– Договорите се нужни, но при договарањето треба да се внимава на владеењето на правото, а Преспанскиот договор е надвор не само од уставното право, туку е и спротивно на меѓународното задолжително право – потенцира Силјановска.

Претседателскиот кандидат Блерим Река, пак, како многу пати досега, кажа дека Преспанскиот договор е компромис кој го отвора патот кон ЕУ и НАТО интеграциите.

– Ја сфаќам тешкотијата со која македонскиот народ ја прифати оваа солуција – промената на името, но се работи за компромис кој го отвора патот кон ЕУ и НАТО интеграциите – напомена Река.

Во однос на надворешната политика, Пендаровски, меѓу другото, и префрли на Силјановска дека земјава се уште нема амбасадаор во НАТО зашто актуелниот претседател Иванов на ова место сакал да постави партиски послушници.

Силјановска претходно рече дека за секоја политика треба да има свест и посветеност на националниот интерес.

– Јас секогаш ќе се водам од националниот интерес и во националните и во меѓународните односи. Никогаш нема да се однесувам поданички зашто секоја земја има сопствено место во меѓународната политика – истакна Силјановска.

Во врска со владеењето на правото, Силјановска оцени дека одамна Собранието е безгласна гласачка машина и дека во земјава е воспоставен „премиерски систем”. -Владеењето на правото што е моја животна филозофија, одамна го нема во Македонија. Измените на Кривичниот законик и Законот за амнестија јасно говорат дека немаме независно судство. Претседателот на државата е целосно анулиран. Нема ниту еден покренат и завршен случај во врска со референдумот на кој станавме светски рекордери во брзината на гласањето, забележа Силјановска.

На тоа Пендаровски возврати дека токму претседателот на државата досега беше генератор на неправото.

Река во овој контекст подвлече дека земјава моментно има дефицит на владеење на правото.

– Се уште има селективна правда и ниту еден судски процес не е завршен – дополни Река.

Пред дебатата на тројцата претседателски кандидати, МРТВ ги соопшти резултатите од анкетата што за оваа прилика ја изготви агенцијата „М – Проспект”. Анкетата покажа дека 69,1 отсто од граѓаните ќе гласаат на претстојните претседателски избори, 23 проценти нема да гласаат, а 7,8 не знаат за кого ќе го дадат својот глас.

Анкетата спроведена од 4 до 10 април годинава, на вкупно 1.197 испитаници од македонска и албанска националност, покажува и дека 77 отсто од граѓаните нема да ги бојкотираат изборите, додека 10,7 отсто ќе го сторат тоа. За Стево Пендаровски ќе гласаат 26,7 проценти од испитаниците, за Силјановска Давкова 24 проценти, а за Река 11 проценти. За ниту еден од кандидатите нема да гласаат 16,4 проценти, додека 15,8 отсто се уште не одлучиле за кого ќе го дадат својот глас. Македонците дале поголема поддршка за Силјановска, 34 проценти, на Пендаровски ќе му дадат поддршка 28,7 проценти, а на Река 0,8 отсто. Кај албанското гласачко тело Пендаровски котира со 20,5 проценти, Силјановска со 0,3, а Река е со 40,80 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот