За ПЦР-тест се чека со денови, па граѓаните мора да се тестираат на приватно

ПЦР тест / Фото: Архива на Слободен печат

За ПЦР-тест преку Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се чека и по неколку дена, а во некои градови и една недела, се жалат матичните лекари што не можат да закажат термин за своите пациенти. Така граѓаните имаат две опции, или да одат да се тестираат во приватна овластена лабораторија и резултат за тоа дали се ковид позитивни или негативни да добијат истиот ден, или да останат нетестирани, а со тоа и потенцијално позитивни на ковид, но и да не бидат внесени во државниот систем за третман и следење на контактите.

И дневните извештаи што ги испраќа Министерството за здравство до медиумите покажуваат дека голем дел од ПЦР-тестовите се направени на приватно. Така, според последниот извештај на Министерството, во приватните лаборатории направени се 3.597 теста од вкупно 7.174 тестирања. Во државното здравство се направени 881 тест, а во дневната статистика дадена е и кумулативна бројка која непрецизно покажува дека вкупно 2.686 теста се направени во приватни и јавно-здравствени установи, без да се каже колку од нив се направени во приватните, а колку во јавните здравствени установи.

– За ПЦР-тестирање на државно се чека некогаш по три-четири дена, некогаш по една недела. Смешно е по седум дена да прави некој тест, а пред седум дена имал пневмонија. Во меѓувреме, јас моите пациенти ги третирам, не ги оставам без терапија и без преглед, иако не можат да добијат термин за тестирање. Ако дијагностицирам бронхопневмонија, тоа и лекувам, правам крвна слика, за да добијам некој наод во меѓувреме додека пациентот оди на тест. Минатата недела седум дена ми требаа за една фамилија, сите тројца вакцинирани, да им закажам ПЦР-тест. Седум дена е многу да се чека за термин на државно. Треба државата да има систем за дијагностицирање. Матичните лекари не се виновни. Немаат сите пари да одат на приватно, вели за „Слободен печат“ претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова – Дервишова.

И матичните лекари во Скопје кои ги контактиравме потврдија дека во главниот град за ПЦР-тестирање преку ИЈЗ се чека барем неколку дена, а се случува и по една недела да нема термин. Поради тоа се полни касата на приватните лаборатории, бидејќи граѓаните немаат време да чекаат да ја прележат болеста додека да бидат воопшто дијагностицирани. Дел од лекарите со кои контактиравме посочуваат дека треба да се врати во функција лабораторијата на МАНУ за да може да се обезбеди поголем квантитет на тестови, особено откако во четвртиот бран повеќе преносливата делта варијанта на коронавирусот почна да опфаќа и повеќе контакти на заразените. Според нашите информации, некои директори на клиники во внатрешноста почнале да добиваат и фактури за секој направен ПЦР-тест од Институтот за јавно здравје што на почетокот на пандемијата не било случај.

Ситуацијата со испитување крв и рентген е подобра. Во ковид-амбулантите се закажува термин и најчесто истиот ден се изведуваат прегледите или лабораториските анализи или рентген снимањата. Делта варијантата на коронавирусот е поконтагенозна, односно еден инфициран може да зарази дури деветмина. Поради ова, има и поголем интерес за вакцинација, а капацитетите се лимитирани. Граѓаните купуваат брзи тестови за детекција на ковид од аптеките, коишто кога се негативни, имаат само 60 процентна точност. Друг проблем со овие тестови од аптека е тоа што не може да се осигура дека граѓанинот подоцна ќе оди да го потврди резултатот со ПЦР-тест. Едноставно, можно е тој да направи тест од аптека кој е позитивен, но потоа да не го потврди тестот со ПЦР и да остане надвор од дневната евиденција на Министерството за здравство како и да биде оневозможено следењето на неговите контакти од страна на епидемиолог, а и да не биде контролирана неоговата изолација од страна на Министерството за внатрешни работи.

Бројот на активни ковид случаи во земјава се искачи на 15.101, а најмногу од нив се регистрирани во Скопје, Тетово и Гостивар. Во Скопје има 6.130 активни случаи, во Тетово 1.884, а во Гостивар 1.066. Според последната статистика на Министерството за здравство, во еден ден од ковид починале 32 пациенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот