За овој месец најавен старт на имунизацијата на населението: Вакцините на „Фајзер“ треба да стигнат во првиот квартал од оваа година

Profimedia
photo: Corona vaccine. Pfizer and BioNTech

Месецов во земјава ќе пристигнат вакцините од „Фајзер”, со што според министерот за здравство Венко Филипче, ќе започне и имунизацијата на населението против коронавирусот. Најавата за стартот на имунизацијата доаѓа во услови кога минатата недела во земјава се бележи раст на бројот на новозаразени лица со ковид-19 за 56,4 отсто и кога капацитетот на Инфективната клиника е исполнет, поради што во функција повторно се става модуларната болница во Клиничкиот центар.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека првите вакцини од „Фајзер”, според договорот со компанијата, треба да стигнат во земјава во првиот квартал од годинава, односно до крајот на март.  Преку сите постојни механизми, како што рече премиерот, направено е се што е неопходно и договорени се вкупни количини до 2,5 милиони вакцини.

– Договорот од „Фајзер” стигна, во првиот квартал, тоа значи дека до крајот од март, ќе ги добиеме првите 21.000 вакцини. Веќе имаме во вториот квартал поголеми количини. Не се работи за несериозност, заради тоа што единствена причини е недостатокот на производство во делот на количини на вакцини за која било вакцина. Тоа е проблемот. Ние сме мала земја, сакам да го осигурам и му гарантирам на нашиот народ дека како Влада, како Министерство за здравство имаме направено повеќе од тоа што е доволно, имајќи предвид дека ќе треба еден милион народ од прилика да се вакцинира за да ја постигнеме имунизацијата, за која би било потребно да има два милиона вакцини. Ние ако ги броите 800.000 „Фајзер”, 833.000 преку КОВАКС механизмот, 400.000 од Кина, 200.000 имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од ЕУ согласно грантот од 70 милиони, донациите кои што дополнително ги најавија сите соседи, стигаме до 2,5 милиони. Значи сме направиле исчекор повеќе за да ги фатиме сите механизми, сите алатки, да направиме договори, преддоговори, некаде дури и анекс да платиме се со конечна цел да преземе се што е неопходно. Јас верувам, како што реков пред некој ден, денови се во прашање, рече Заев.

Тој порача дека сите треба да се вакцинираат во државата, да се следат упатствата на МЗ, на Комисијата за заразни болести, на сите експерти затоа што вели, само на тој начин ќе ја совладаме пандемијата на ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче во синоќа интервју за МТВ изјави дека во текот на овој месец сигурно ќе почне имунизацијата на населението во земјава.

– Очекуваме, според најавите, една одредена количина преку Ковакс системот и ги очекуваме руските вакцини, имаме иницијална најава од денешните состаноци, дека тоа може да се случи викендов веќе в недела, но повторно ќе кажам сега имаме искуство, сите земји имаат искуство, сите се соочија со тоа, тоа што иницијално им беше ветено и укажано од компаниите едноставно не се случи, нагласи министерот Филипче.

Тој посочи дека потребно е 60-70 проценти од населението да се вакцинира за да се постигне колективен имунитет.

– Во првиот квартал најавија околу 20.000 вакцини, понатаму до 800.000 вакцини распределени во следните три квартали. Навистина долго го чекавме договорот, но исто така сме свесни дека огромен број земји го прават буквално истото. Така да подготвени сме, системот е подготвен, тоа е нешто што е навистина важно, едуцирани се здравствените работници, тие кои директно работат со вакцинацијата и практично од 11 март ние започнуваме и со ревакцинција на сите здравствени работници коишто ја примија и првата доза на вакцината, нагласи Филипче.

Министерот за здравство во однос на тоа каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви на корона вирусот, рече дека сега комапниите анализирааат и гледаат и оти нема потврда со сигурност каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви.

– Затоа кога вака во квартали ги добиваме вакцините можно е да се случи производителите да ги сменат платформите на коишто се произведуваат вакцините, за да бидат ефикасни на потенцијалните нови соеви коишто би можеле да стигнат понатаму во текот на годината и затоа е развиен овој систем вака затоа што може да се случи фајзеровата вакцина којашто ќе доаѓа на крајот на годината едноставно да не биде истата со таа што е сега, зошто таа можеби ќе биде ефикасна на некој друг сој што тогаш ќе биде актуелен, не само кај нас, ова важи за буквално секоја земја во светот, рече Филипче.

Министерот за здравство нагласи дека на некои работи едноставно не можеле и не можат да влијаат, а причината, како што рече, е многу јасна.

– Нема доволно вакцини во овој момент насекаде во светот, не стигнуваат ниту со потребната ниту со посакуваната динамика од страна на секоја земја. Сликата ќе биде драстично поразлична во вториот квартал заради тоа што значајно ќе се зголемат и сите производствени капацитети, изјави Филипче.

Според министерот, првата компанија која што ќе испорача вакцини преку Ковакс механизмот е „АстраЗенека”.

– Тоа што последно ни е стигнато како информација е дека 20 до 30 проценти од тие 100.000 до 170.000 вакцини ќе стигнат во првиот квартал, тоа значи во месец март. И тоа е тоа што беше споделено во изминатиот период, така што тоа се нашите очекувања согласно сите информации коишто ги добиваме од производителите. Повторно ќе кажам, можно е да има некаква промена, можно е да споделиме некаква нова информација согласно тоа што нас ни стигнува како информација, меѓутоа очекувам дека во вториот квартал согласно сите насоки, најави од буквално сите производители веќе овој процес ќе биде поинаков, веќе количините ќе бидат значајно повеќе на располагање поради поголемо производство, посочи Филипче.

Производителите „Фајзер“/„БајонТек“ во 2021 година на Република Северна Македонија ќе и испорачаат 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во четири квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек” овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини.

Вакцините на производителите „Фајзер“/„Бајонтек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат шест дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои пет дена, а растворена да се чува шест часа. Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Со вакцината на производителот „Фајзер“/„БајонТек“ веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот