За опозиционерите Предлог-буџетот е мегаломански

На вториот ден од расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година, која во Собранието почна завчера, попладнево пратениците од владејачкото мнозинство и од опозицијата полемизираа за тоа дали и колку е развоен предложениот буџет.

За опозиционерите тој е мегаломански и популистички, политички поткуп пред избори, неразвоен и со капитални инвестиции на ниско ниво. Обвинија дека никогаш немало помалку инвестиции, поголемо загадување и иселување и дека државата е за една милијарда денари задолжена во две и пол години.

Според пратениците од власта, пак, раст е предвиден во сите области. Капиталните инвестиции во 2020 е предвидено да ги надминат тие од 2019 и ќе бидат повисоки за 3,8 отсто,  за плати во споредба со лани се планирани повеќе од седум проценти, а приоритет се социјалните трансфери каде што исто така ќе има зголемување.

Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 3.615.000.000 евра, а расходите 3.898.000.000 евра. Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации. Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

Во фокусот на буџетската каса за наредната година, како што образложи министерката Нина Ангеловска, е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

Седницата за  Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година во Собранието ќе продолжи утре во 11 часот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот