Депонија Дрисла / Фото: ,,Слободен печат'' / Методиј Здравев

За нов инцелератор во „Дрисла“ треба да се обезбедат 100 милиони денари, јавен оглас сѐ уште нема

Во програмата се наведува дека сите планирани инвестиции ќе се реализираат со средства што ќе се обезбедат од неколку извори и тоа од наменски субвенции од Град Скопје, од сопствени средства, од донации, од европски фондови и со задолжување.

Инвестициска програма тешка речиси 9 милиони евра планира годинава јавното претпријатие „Дрисла“. Со планираните вложувања треба да се подобри нејзиното функционирање, односно третирањето и согорувањето на отпадот да не предизвикува последици на воздухот и животната средина.

Она што е од големо значење и чија набавка повеќепати се најавува како неопходна за да се надминат постојните проблеми е набавка на нов инцелератор, затоа што печката за согорување медицински отпад, која депонијата ја поседува во моментов, е без филтри, ниту, пак, има можност на неа да се постават дополнително за да се спречи загадувањето.

Директорот на „Дрисла“ Ненад Јосевски неодамна посочи дека претпријатието во наредниот период има во план да преземе неколку активности.

Во план за јавни набавки ни е поставување ограда, изработка на пречистителна станица, тоа ни е исто приоритет, како и изготвување техничка спецификација за набавка на инцелератор за уништување медицински отпад – нагласи Јосевски.

Јосевски кој со претпријатието директорува од август минатата година, ваквата изјава ја даде при посетата на министерот за животна средина Изет Меџити, некаде во ноември, кога повторно се утврди неопходноста од набавка на скапиот инцелератор.

Во Програмата за инвестиции за 2025 година, која веќе доби зелено светло од градските советници, предвидена е набавка, транспорт и монтажа на инцелератор и дополнителни градежни работи за негово поставување. Набавката би се реализирала со одложено плаќање и за тоа, како што е наведено, би се потрошиле 100 милиони денари или околу 1,6 милиони евра.

Покрај ова, голема планирана инвестиција за оваа година е и набавка, транспорт и монтажа на инсталација за секундарна селекција за отпад за што се предвидени околу 90 милиони денари, но и она што Јосевски го најави како приоритетно, а тоа е набавка, и монтажа на пречистителна станица што би чинела околу 35 милиони денари.

ВИДЕО | Поцрне Маркова река, загадена вода од Дрисла тече низ коритото

Во програмата се наведува дека сите планирани инвестиции ќе се реализираат со средства што ќе се обезбедат од неколку извори и тоа од наменски субвенции од Град Скопје, од сопствени средства, од донации, од европски фондови и со задолжување.

Досега за ниту една од овие големи инвестиции не е распишана јавна набавка, што значи дека доколку реално се планира тоа да се случи, сѐ уште се подготвува техничката документација или се планира финансиската конструкција.

Од загадувањето од депонијата, најзасегнати се жителите на Батинци, село што се наоѓа во непосредна близина. Тие досега одржаа повеќе протести на кои бараа да се стави крај на 30-годишното загадување што го трпат од депонијата и „Дрисла“ да работи според закон.

На „Дрисла“ ѝ треба ограда и нов инцелератот за да се спречи загадувањето на околината

Жителите со години се жалат дека по депонијата се расфрлени остатоци од човечки тела, дека постојано во воздухот се шири страшна смрдеа. Како што посочија на еден од протестите од депонијата се загадува и Маркова Река, во која се испушта отровна вода од езерото во депонијата.

Во име на жителите на село Батинци и населбите што гравитираат околу депонијата Дрисла, претставниците жителите и на средбата со министерот Меџити информираа дека како резултат на несоодветното управување на менаџментот со оваа депонија, има драстично влошување на здравствената состојба на жителите на ова село и на околината.

Тие, всушност, имаат само едно барање – современа депонија што ќе работи по еколошки и европски стандарди и која нема повеќе да го загрозува нивното и здравјето на нивните деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот