За наставничката која нè научи да мразиме Албанци

Фото: Слободен печат

Колку пати во животот сте ги слушнале стереотипите од типот – „парите се кај Албанците“, „Албанците се племенски организирани“, „тие може да се расправаат меѓу себе, но кога каузата е во прашање тогаш се единствени“? Јас ги слушам по 100 пати дневно.

Но, проблемот е во тоа што првпат овие реченици ги слушнав во седмо одделение, а беа изустени од мојата наставничка и тоа за време на училишниот час. На мое големо изненадување, а се разбира и на соучениците, наставничката ни даде час по национализам, шовинизам и расизам. Свесно нема да го откријам нејзиниот идентитет, предметот што го предаваше, ниту пак ќе го наведам името на училиштето. Само ќе кажам дека се работеше за едно од најстарите и најугледните училишта за основно образование во Скопје.

Тие 45 минути на блуење отров ќе ми останат врежани во меморијата за цел живот. Тешко дека нешто друго што сум го чул во животот толку длабоко ќе допре до мене и ќе ми остане во сеќавањето. Часот по шовинизам немаше преседан, а потоа и не се повтори кај истата наставничка, но имаше помали репризи кај некои останати наставници по други предмети.

На крајот од школската година, политичкиот невкус продолжи кога осмоодделенците извадија алманах во вид на списание, во склоп на нивната прослава на полуматурата. Четирите одделенија добија по една страница, за објавување на текст со кој ќе го овековечат времето поминато во училиштето. Авторот на еден од текстовите се пофали дека во нивното одделение учеле најголемите фраери, кои сите до еден биле за ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа се случуваше на крајот од пролетта во 1991 година, Црвена звезда само што стана европски клупски шампион, а југословенските републики влегуваа во ерата на плураризмот. Лудилото од училниците набргу се префрли на телевизија и во весниците, каде за краток период се изнагледавме карти на „велики“, „големи“, „обединети“ и не знам какви вукојебини. Мапи на етничко разграничување, историски факти кои се премолчувале со децении и отворено ревидирање на Втората светска војна, која беше темелникот на нашето општество. Преку ноќ стана небитно да бидеш пионер, да го чуваш братството и единството и да навиваш за репрезентацијата која ти донела толку многу среќни моменти во животот.

Веќе наредната школска година ја започнавме со извештаите од фронтот кај Вуковар, Осијек, Госпиќ, слушајќи за некои опскурни типови со имиња Шешељ, Парага, Готовина, Аркан и капетан Драган. Војната беше далеку од нас, земјата се распадна без ние да дадаме свое мислење, на референдумот за независнот гласаа нашите родители, а Албанците и нивните „особености“ станаа главна тема на секое седнување на кафе, пиво, слава, роденден и свадба.

Не знам дали некој друг имал слично искуство како моето, дали во некое друго училиште во Скопје и Македонија биле одржувани часови на иста тема? Знам дека тогаш бев скептик и не ми беше битно мислењето на учителката, но затоа никогаш во живот не обвинив некој од другарите за шовинизам и расизам, бидејќи тие беа само жртви на школскиот систем. Одгледувани да мразат Албанци, а ако е потребно и други народи. Па така им кажала наставничката.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот