За најнапредното општество во историјата на светот

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Да не оглупавеше олку светот, да не испаднеше дека во 21 век сепак победија фашистите од сите провениенции, Титовото дело – социјалистичка Југославија – требаше да се изучува, слави и да се зема за пример на целата планета, многу повеќе отколку атинската демократија.

Месецот мај несопирливо ме потсеќа на детството поминато во катадневното премерување на буњаковечките и дебармаалските прашини. Новата и како изгланцана зелена што загосподарува со месецов ми вади уште повеќе сеќавања на барокната декаденција на Ислахане паркот или Градскиот парк – прв дел, како што го викавме, и на неверојатно контрастниот втор дел од паркот, кој беше сиот запуштен и здивен. Но и таа дивина како да беше култивирана небаре специјално за нас мрсулковците, кои во густите честари и дрвјата цели обвиткани со ползавици и лијани ги проектиравме нашите авантуристички фантазии.

Најсилните сеќавања врзани со овој неодоливо расцветан месец се сепак раните првомајски паради, во кои учествуваше практично целото општество, буквално сите. Или како учесници или како семејства што ги поддржуваат своите членови што се дел од свеченото дефиле или како публика што ја дели еуфоријата на сите други.

Ги паметам првомајските утра што почнуваа со онаа специјална возбуда, како сите да ќе настапуваме на театарска сцена, еден вид поттикнувачка трема што тие претпладневиња паметењето ги прави некако чудно светли и  свечени, очигледно отпосле ретуширани во мозочната лабораторија. Маалото како да имаше проѕирни ѕидови, и како да можевме да ги гледаме и другите деца и нивните родители како трчаат наваму-натаму, облекувајќи се во свечени или барем свежо испрани руби, речиси сите како да ја игравме улогата на Наташа Ростова пред нејзиниот прв бал.

Во мај сите ја славевме денес веќе незамисливата, а тогаш повеќе од стварна, југословенска утопија, а нејзиниот творец Јосип Броз Тито го славевме практично целиот месец. Уште од првомајските празници па сè до 25 мај, кога се славеше денот на младината, а таа го славеше роденденот на саканиот водач, веќе тогаш претворен во легенда. И се сеќавам, тоа се повторуваше секоја година, Тито галантно ги префрлаше заслугите за неговите неверојатни историско-политички достигања на борците од неговата револуционерна комунистичка партија и на целата заедница на југословенски народи што својата остварена утопија самите ја изборија, изградија и во целост ја заслужија. Честитањата, славопојките и вообичаената инфантилизирана и модерно искичирана кореографија и сценографија Тито ги завршуваше со говор во кој сите не уверуваше дека тој е среќен и мирен зашто иднината на Југославија е сигурна во рацете на таква прекрасна младина каква што мислеше дека бевме ние.

Никој не се прославил со предвидување на иднината, но со доверението во нас – Титовата младина – тој не можеше повеќе да згреши: првото што го направивме по неговата смрт е варварски да ја разнебитиме неговата Југославија. Второто беше да ги донесеме на власт – практично во сите сè  уште живи државни мртвороденчиња што се породија на смртната постела на Југославија – сите губитници од Втората светска војна, сите фашистички колаборационисти, квислинзи, четници, усташи, балисти, вмровски контрачети, и каков сè не историско-политички талог. И да им дадеме одврзани раце, еве веќе над триесет години, да ги силуваат, уназадуваат, ограбуваат и заглупавуваат несреќните жители на територијата на која некогаш, во Титово време, во цутот на нашата младост, вирееше најнапредната, најморалната, социјално најправедната и најслободната општествено-политичка и државна творба во историјата на човештвото.

И третото што ние – златната Титова младина – го направивме е на најглупав можен начин да ја рационализираме не само југословенската катастрофа, туку и пропаста на марксистичката идеологија и гнасењето на доблестите на југословенскиот социјализам. И така, веќе триесет години серка против Тито и Југославија генерацијата што го уништи и пред и после недостижно напредниот систем на државно управување со општеството, сакајќи на тој начин врз нејзиниот творец да ја префрли сопствената ужасна историска вина за пропаста на општествено-политичката „силиконска долина“ на 20 век. Ах, тој расцветан мај, ми ги буди сеќавањата на утопијата која генерациите родени околу средината на векот ги привилегираше како да се полубожества, и воедно, ми ги расчепкува незараснатите рани од разорното чувство на вина, што на младите милениумци и нивните деца им оставивме пеплишта наместо Олимп и Парнас на чиишто падини се игравме ние.

Да, во прашање се мајските дамари на нечистата совест, лични и интимни, почитувани читатели, но утешно споделени со вас. И најболното во тие бескрајни просерувања против најогледната државно-политичка творба во историјата на светот, е што сите тие „рационализации“ се правени врз основа на најглупавата антилогика (ако е можна оваа кованица) што само тешко болен, хаварисан ум може да ја смисли. Најголемиот број „анализи“ и други блуеници со кои се гнаси југословенскиот социјализам и Титовото историско дело, го користи – ќе се повторам – најглупавиот можен апостериорен аргумент на светот. А, тој отприлика гласи дека очигледниот и крунски доказ за погрешноста на марксизмот, комунизмот, социјализмот, Титовото животно дело и на југословенската федерација, е што тие катастрофално брзо, насилно и крваво се урушија, како масивно свлечиште и тонење на цел предел, што зад себе не остава ништо освен пустелија, несреќа, заборав и глупило.

Може ли човек да смисли нешто поглупаво и дури погротескно од оваа искривоколчена антилогика, а сепак таа превладува и во „учените“ анализи и во политичкиот говор и во шумот на времето сиве овие години. Оваа глупоштија е практично смешна, зашто врз истата логика се базираат критиките на пијачката вода на големиот стручњак за алкохолни пијалаци, легендарниот лик на Момо Капор во неговиот „Дневник на една Ана“, Суле од Ада, кој ја сееше истата оваа убиствена но безмерно смешна логика. Вели тој: водата да беше нешто добро, немаше жаби да крекаат во неа. Или, да беше водата добра и корисна, немаше да ја вадат од колено. Хахахаха! Буквално е иста логиката со која поради злосторничката калварија во која е искасапен и опоганет југословенскиот социјализам, самиот тој се прогласува за историски погрешен и безвреден.

А, единственото човечко разумно гледиште би требало да е токму обратното. Токму фактот што јужнословенските народи и другите со коишто ги делат балканите никогаш ни пред ни после не беа во состојба да обезбедат таков напредок, мир, безбедност, правда, еднаквост, слобода, братство, солидарност и масовна среќа, е доказ за неверојатната, неповторливата и недостижната вредност на Титовото дело. На територијата на некогашната Југославија никогаш не постоела ни приближно толку квалитетна општествена творба, а јасно гледаме дека никогаш и нема да постои нешто што ќе може да се споредува со неа. Титова Југославија е апсолутниот општествено-политички, културен и еволуциски врв на Балканот, единствената „златна доба“ на јужните Словени.

Но, најстрашното од сè е што пропаста и поганењето на југословенскиот социјализам – иако огромна и непростлива – не е наша локална вина, зашто придонесот на овој општествено-политички експеримент е општочовечки, планетарен, па и вината за сквернавењето и заборавот – како и непосредната вина во рушењето на Југославија – ја има и меѓународната заедница. Зошто, ќе прашате. Па затоа што југословенскиот социјализам е практично најнапредната форма на државна творба и организирано општество во целата позната историја. Не, не претерувам. Ако ја споредите Титова Југославија со сите напредни и развиени земји во времето на „златните триесет“ (50-ти, 60-ти и 70-ти години) од дваесеттиот век, и тоа според сите можни параметри за квалитет на општествениот живот: еднаквост, слобода, социјална правда, општ стандард и квалитет на сите јавни сервиси, ќе видите дека ниту една земја во светот – особено не оние најбогатите – не можеа ниту да се приближат до вредностите и реалните остварувања на Југославија. Таа на своите жители им оствари најмногу од она што го беше ветила во нејзиниот устав.

Затоа, да не оглупавеше олку светот, да не испаднеше дека во 21 век сепак победија фашистите од сите провениенции, Титовото дело – социјалистичка Југославија – требаше да се изучува, слави и да се зема за пример на целата планета, многу повеќе отколку атинската демократија. А, конечно, атинската демократија нешто да вредеше, немаше онака одвратно да исчезне – по едвај половина век непречено функционирање – и да не се појави повторно на планетата дури повеќе од две илјади години!?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот