За најголем дел од родителите најдобро е наставата да е комбинирана со физичко присуство и онлајн

 Повеќе од две третини од родителите/старателите или 68,7 од нив прифаќаат, односно би избрале паралелен пристап-комбинирана настава со физичко присуство и онлајн-настава на децата. При тоа, секој од родителите/старателите истакнува дека независно од тоа дали е за комбиниран пристап или за онлајн настава, во никој случај не би поддржале настава со физичко присуство на нивните деца ако има голем број на заразени, покажуваат резултатите од истражувањето на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

– Цел на анализата е да се согледаат ставовите, мислењата и препораките на родителите, бидејќи сметаме дека е клучно истите да бидат земени предвид при носење било какви одлуки во однос на одвивањето на образовниот процес на децата од септември, 2020 година. Генерално земено, резултатите покажуваат дека иако родителите/старателите имаат различни ставови по прашањето за каков тип на настава се од септември, карактеристична е заедничката грижа за здравјето на децата. На сите, без оглед дали наставата ќе биде онлајн или во училиште или комбинирана… најважно им е децата да се здрави и сигурни, рече на денешната прес-конференција Драги Змијанац од Меѓаши.

Тој потенцира дека анализата на резултатите од истражувањето покажала дека најважно на родителите им е здравјето и безбедноста на децата, што како услов го истакнале 26 отсто од испитаниците, понатаму хигиената и дезинфекцијата на училишните простории, (23,4 отсто од испитаниците), како и помал број на ученици во една просторија и држење на дистанца/мерки на заштита, услов за кој се изјасниле 22,3 отсто од испитаниците.  

– Како најбезбеден услов за спроведување на образовниот процес е рангиран „Онлајн – настава, доколку Владата забрани одржување настава во училиштата поради зголемен број на заразени” од страна на половина или 50,8 отсто од испитаниците. „Комбинирана настава со онлајн – настава и настава во училиште со намален број присутни ученици и со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата” е најчесто второ рангиран услов и тоа од 44,7 отсто од испитаниците, а најчесто како трето-рангиран услов е условот  „настава во училиште за сите деца распределени во помали групи, кои ќе одат во смени со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата” и тоа од 35,3 отсто од испитаниците, рече Змијанац.

Во однос на можностите да им помогнат на своите деца во совладувањето на наставните содржини, половина од испитаниците ичи 49,9 отсто се произнеле дека делумно имаат време и можност да им помогнат на своите деца во совладување на наставните содржини. Една третина од испитаниците или 33 отсто се изјасниле дека имаат време и можност да им помогнат на своите деца во совладувањето на наставните содржини. Од вкупниот број испитаници, 16,7 отсто се произнеле дека не можат односно немаат време и можност да им  помогнат на своите деца во совладувањето на наставните содржини

Најголема загриженост доколку се започне со физичко одење во училиште за 39,7 отсто од испитаниците претставуваат опасности на патот до училиште и враќање дома – автобус, дружење после часовите…, а голема загриженост за 30,7 отсто од испитаниците предизивикува и несоодветен број деца во една училница.

Речиси половина од родителите или старателите – 47,3 отсто, сметаат дека досегашната онлајн или настава од далечина делумно ги задоволила потребите на учениците. За речиси приближно исто од испитаниците – 43,6 отсто овој метод на настава воопшто не ги задоволил потребите на учениците. За само 9,2 отсто од испитаниците, онлајн т.е. наставата од далечина во целост ги задоволила потребите на учениците. Поголем дел од испитаниците или 58,2 отсто сметаат дека нивните деца преку онлајн наставата се стекнале со подобри оцени, но, со помалку знаења.

Речиси две третини или 64,3 отсто од испитаниците имаат соодветни просторни технички услови  за следење на онлајн настава, 28,7 отсто од нив се изјасниле дека делумно  располагаат со соодветни просторни и технички услови за следење на онлајн наставта, а 6,4 отсто од испитаниците одговориле дена не располагаат со соодветни просторни и технички услови за следење на онлајн настава.

Истражувањето било реализирано врз основа на Анкета – спроведена на национален репрезентативен примерок, по случаен избор, преку интернет, во периодот од 22 јули до 3 август со опфат на 1003 испитаници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот