За моралот, нацијата и корупцијата

Благојче Атанасоски

Најстрашното е што корупцијата е системски вмрежена во целиот институционален апарат низ целата држава, и дури и да има власт која искрено и реално ќе сака да ја искорени, тоа ќе биде речиси невозможна мисија.

Материјалното богатство на секоја земја или, пак, ако сакате стандардот на граѓаните е предиспозициониран од колективниот менталитет на луѓето што ја сочинуваат таа државна заедница. Покрај тоа што во Втората светска војнa Германија и Јапонија беа разгромени, воено поразени, инфраструктурно уништени, моралниот дух на јапонската и на германската нација не беше скршен. Напротив, по најголемата човечка катастрофа овие две нации ја научија „лекцијата“ и извлекоа национални поуки од грешките на своите тогашни политички елити.

И ете ги денес, тие се економски предводници и мотори во светски рамки, едни од најбогатите земји во секој аспект, најнапредни, со огромен БДП по глава на жител и инфраструктура на која и Американците би позавиделе. Од друга страна, пак, реалните победници во големата војна, Советите (Русите), денес живеат во диктатура, со власт концентрирана во рацете на еден и во олигархискиот концентричен круг околу него, со стандард на населението колку една денешна Романија. Точно, Русите имаат неверојатен национален морален дух на победници секојпат низ историјата, но клучната разлика помеѓу најголемата словенска нација со наведените западни (Јапонија по политичко-економското уредување се смета за западна нација и покрај тоа што е земјата на изгрејсонцето), е во поимањето и во односот кон корупцијата.

Многупати сум велел дека корупцијата е најгангренозната жива рана што однатре го подјадува секое општество и секоја заедница, толку подла, која кога ќе ги опфати сите општествени пори на крајот ќе го проголта самото општество. Такво нешто се случува во Путинова Русија, но такво нешто се случува и кај нас во изминативе три децении на македонска независност и самостојност.

Сè додека во Македонија важи констатацијата од еден дедо на една наша телевизија пред многу години, кога репортерот го праша „што мислите господине за покачувањето на цените“, а неговиот одговор беше „сè е под корупција господине“ од оваа и ваква земја нема да биде држава со сите нишани. Без никого да навредам, напротив, секогаш најмногу сум ги ценел и почитувал  „најпотценетите“ работници и работнички кај нас, но почнувајќи од хигиеничарките во некоја институција/приватна организација, па сè до „фараонот“ на врвот, штом крадат (првите – тоалетни хартии, сјај, салфетки или кафе за дома), па до милиони евра од страна на вторите или пак се менталитетно склони кон крадењето, ние ќе си бидеме последната дупка во Европа, уште многу децении, не само години.

Нормално дека во овој случај, самата Европа (ЕУ), не може да ја обвиниме, бидејќи пак да не беше таа, како наднационална тутор организација да ни „виси“ над глава за полето на корупцијата, веројатно ние денеска ќе бевме неколкукратно покорумпирана земја. Борбата против корупцијата не е иманентна за оваа власт, не е иманентна ни за претходните власти, најстрашното е што корупцијата е системски вмрежена во целиот институционален апарат низ целата држава, и дури и да има власт што искрено и реално ќе сака да се бори со неа и да ја искорени, тоа ќе биде речиси невозможна мисија.

Корупцијата е и наша „лична карта“ или пак еталон, што би рекле нашите соседи Бугарите, да не ги заборавиме, да ги споменеме и во оваа колумна. Веќе кога ги спомнавме, само ќе констатирам дека членството на Бугарија во ЕУ е непродуктивно, бидејќи Бугарија си остана истата, веројатно и уште покорумпирана земја, и покрај тоа што веќе деценија и половина е полноправен член на самата Унија. Што значи, Бугарија го пропушти возот на историјата, кога во преговарачкиот процес со ЕУ требаше да се „декорумпира“, односно да ја намали корупцијата до степен да биде минимална, односно казнива ако некој ја употребува. Бидејќи, да не бидеме наивни, не постои земја во која не постои корупција, ама постојат земји кои ЈА КАЗНУВААТ корупцијата, ја откриваат, превенираат, се борат против неа и постојат земји кои не само што ја толерираат, туку ја стимулираат и таа претставува нивна водилка во организациското и државно суштествување. Не треба да сте многу паметни за да сфатите во која категорија земји потпаѓаме, ние, нашите источни соседи и речиси сите балкански земји, со чест на еден исклучок. Да, во таа сфера (најлошата) со Бугарите сме „браќа и еден народ“. Ако тоа ги задоволува и ги прави среќни.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот