За Македонија нема преговори, а покрај неа и за Албанија?

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Состанокот на министрите за европски работи вчера поминал во напната атмосфера, односно, како што извести МИА, Бугарија одбила да попушти и покрај настојувањата на другите земји Македонија да ги почне преговорите, од кои најгласна била Германија.

Бугарија не го тргна ветото за преговарачката рамка за Македонија за членство во ЕУ. Нашата земја, и покрај тоа што ги исполни сите услови и од лани од март има зелено светло за преговори од сите земји членки, вчера по вторпат беше блокирана од источниот сосед на одлучувачката седница на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург. Оваа одлука беше очекувана и најавена од бугарската страна, но и од македонскиот државен врв, со оглед на непопустливоста на Софија за барањата кон Скопје, кои се однесуваат на потеклото на македонскиот народ и македонскиот јазик. До затворањето на овој број од весникот, од Владата не стаса одговор каков е нивниот став за повторената бугарска блокада и каква е стратегијата за понатаму. 

 

„ЕУ си пука во нога“

 

Состанокот на министрите за европски работи вчера поминал во напната атмосфера, односно, како што извести МИА, Бугарија одбила да попушти и покрај настојувањата на другите земји Македонија да ги почне преговорите, од кои најгласна била Германија. Министрите на дневен ред го имаа проширувањето на ЕУ и дебатираа за усвојувањето на преговарачките рамки на Македонија и на Албанија.

Според дипломатски извори за МИА дебатата била прилично интензивна, критиките кон Софија „биле многубројни“. Берлин предупредил дека со вакво однесување, ЕУ се претвора во „стратешко џуџе“, а од други земји членки стасало предупредување дека со оваа блокада „ЕУ си пука сама на себе во нога“. На Софија повторно ѝ било предочено дека во прашање е кредибилитетот на целата Европска Унија.

Бугарскиот претставник порачал дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот“ помеѓу Скопје и Софија, дека овој спор е европско прашање и дека притоа Бугарија се наоѓа во „специфична ситуација“ поради претстојните избори во јули.

– Сепак, Бугарија не може да даде никаква гаранција ни дека со политичка влада ќе го деблокира ветото – изјавиле европските дипломати за МИА.

Со блокадата од Бугарија за Македонија автоматски остана блокирана и Албанија, за која овој пат ниту една земја немаше против таа да ги започне преговорите, но одредени земји се противат Скопје и Тирана да се одвојат и засебно да преговараат за членството во ЕУ.

До затворањето на весникот остана неизвесно дали ќе бидат усвоени заклучоци за процесот на проширување на ЕУ или расправата на министрите остана само со информативен карактер.

Пред почетокот на состанокот бугарското национално радио (БНР) повикувајќи се на свои извори објави дека не се очекува промена во позицијата на Бугарија во однос на нејзиното вето за пристапните преговори за Македонија во ЕУ.

– Нашата земја останува во позиција дека нема напредок кај поранешната југословенска република во спроведувањето на Договорот за добрососедски односи како целина – објави БНР.

 

Бугарија бара, никој не дава

 

Според аналитичарите, блокадата од Бугарија не е изненадување, бидејќи Софија со месеци не отстапува од ставот дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство. Професорот Нано Ружин вели дека излезот од проблемот треба да се бара во предлогот што минатиот месец на Софија и Скопје им го испорача португалското претседателство со ЕУ.

– ЕУ треба да се држи до португалскиот предлог и во негови рамки да се бара излезот. Предлогот нуди извонредни можности за надминување на спорот кој го претставува како билатерален проблем чие решение не може да биде услов за водење и текот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Втора клучна поента што треба да се разјасни е дека името Северна Македонија е географски, а не геополитички поим – вели Ружин за „Слободен печат“.

Тој додава дека прашањето на ветото останува како критериум што ја гарантира рамноправноста на земјите членки на ЕУ. Во Унијата, вели тој, одлуките се носат со обично или со двотретинско мнозинство, а има случаи кога е дозволено вето, при што историјата на ЕУ познава повеќе вета што земјите членки им ги доделиле на земјите кандидати.

Од Владата вчера претпладне не го коментираа развојот на настаните. По првото вето кое го ставија лани во декември, со образложение дека Македонија воопшто не го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година, министерот за евроинтеграции Никола Димитров ја обвини Софија дека го прекршува Договорот кој предвидува дека Бугарија нема да го попречува членството на Македонија во меѓународни организации. Тогашната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева возврати дека не се обврзале дека нема да поставуваат услови.

По португалскиот предлог за надминување на блокадата бугарскиот претседател Румен Радев се изјасни дека Бугарија бара правни гаранции од Македонија кои ќе донесат „трајни решенија“, односно очекуваат Македонија да предложи патоказ за излез од спорот, кој тие ќе го проверат дали е во согласност со декларацијата од бугарското собрание од 2019 година. Со оваа декларација, која беше едногласно е усвоена во бугарскиот парламент, Бугарија го негира македонскиот идентитет, јазик и историја, а слична содржина, во вид на објаснувачки меморандум за својата позиција, лани испрати и до ЕУ и со тоа ги најави своите блокади за Македонија.

Видео на денот