За Левандовски сите патишта водат во Мадрид
Најдобриот фудбалер во светот за минатата година, Роберт Левандовски иако има уште две години од договорот со сè уште актуелниот европски шампион, Баерн Минхен, најави заминување од германскиот тим ова лето.
Левандовски го носи дресот на Баерн Минхен од 2014 година и на 216 натпревари постигна 198 голови, а неговиот агент Пини Захави, најави дека ќе ги сослуша сите понуди кои ќе пристигнат за одличниот напаѓач, што за најголем дел од медиумите тоа е знак дека негова следна дестинација ќе биде Шпанија.
Целта на Левандовски е да го облече дресот на Реал Мадрид, а ова исто така е голема желба и на претседателот на „кралевите“ Флорентино Перез.
Имено, Перез во последните пет години секое лето се распрашува кај челниците на Баерн за евентуален трансфер на Левандовски и постојано добиваше негативен одговор. Поради одличните односи со челниците на баварскиот тим, тој не сакаше да им работи зад грб и сега кога Полјакот јавно изјави дека сака нови предизвици во кариерата, е подготвен да реагира.
Наводно Баерн за својот најдобар играч би барал околу 60 милиони евра, сума која е прифатлива за Перез кој нема пари за трансфер на Ерлинг Халанд или Килијан Мбапе кои би чинеле двојно повеќе.
Како евентуална замена за Левандовски во Баерн се споменува германскиот репрезентативец Тимо Вернер кој има катастрофална сезона во Челси. Доколку пристигне во Баерн, Вернер повторно би соработувал со Јулијан Нагелсман кој од следната сезона ќе биде тренер на баварците.