За ладни денови, згрејте се со топла чорба од тиква

чорба од тиква
Чорба од тиква / Фото: Unsplash

Октомври некако ни дојде нагло ладно или можеби само предолго бевме „фатени“ во летните навики, со лежерни салати, со многу ладни пијачки, со фустани и шорцеви…

И сега оп! Мраз. Да да, во рок од две недели одеднаш окото ми забележува тикви, ореви, мандарини, ми студи од самата помисла на дожд, никако не можам да се навикнам дека чадорот треба да го земам со себе како што го носам и клучот секое утро…

Ама па не сакам да ми студи кога станува збор за гурманлук: нема шанси. Ќе ги искористам сите можни ресурси за да си го разубавам денот, ручекот, оброкот. А и домашните нема да имаат ништо против.

А како?

Со една обична, а несекојдневна топла супа, или на француски  „потаж“. Како сакате, како милувате, само да е кремаво, да грее меше и да нема многу маткање во кујна. И се разбира дека главна хероина на супата е кралицата на есента.

Па еве како оди мојот рецепт:

Потребни состојки за 2 лица:

  • половина мала есенска тиква
  • 1 морков
  • 1 кромид
  • половина чешне лук
  • тркалце свеж ѓумбир
  • сол
  • бибер
  • кари зачин
  • маслиново масло

Подготовка:

Во длабоко тенџере ставете го маслиновото масло, сечканиот кромид, морков и лукче и пропржете додека да станат стаклести. Додајте ја тиквата (свежа), исечена на мали коцки и ситно сечканиот ѓумбир. Пропржете уште неколку минути. Налејте вода за да се покрие целиот зеленчук и варете 15 минути на среден оган. Тиквата за брзо ќе омекне. Потоа со рачен блендер испасирајте ја целата смеса, да стане густа и свиленкаста. Зачинете со сол, бибер и кари и додајте вода ако е многу густа.

Послужете ја со павлака и парче препечен леб.

Уживајте во есента!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот