За Ковачевски границите во регионот се најголема глупост

Премиерите на Македонија и на Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ на заедничката прес-конференција во Белград оценија дека двете земји имаат одлична соработка, а македонскиот премиер, одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата Отворен Балкан рече дека границите меѓу државите се најголема глупост.

– Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои меѓу себе единствени немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници. Ако излезете на север од овде (од Белград), на само 200 километри од тука, граници нема до Скандинавија. А ако сакате да одите на Балканот, на секои 100 километри имате граници. Ако некои проекти не ги сакам кога ќе ми дојдат од ЕУ за финансирање, тоа е унапредување на гранична контрола. На нас не ни треба граници. Јас Западниот Балкан го замислувам како регион без граници, интегриран во ЕУ. Границите што во моментов постојат помеѓу земји кои имаат бесцарински режим меѓу себе и имаат пријателски односи, единствено се извор на корупција и ништо друго – рече Ковачевски.

Според него, Отворен Балкан е оригинална иницијатива која е базирана на четири слободи на кои се заснова и ЕУ, а тоа се слободата на движење на: луѓе, стоки услуги и капитал. Притоа додаде дека критиките за оваа иницијатива се засновани на претпоставки, а не нареални податоци.

На истите критики се осврна и српската премиерка Брнабиќ.

„Вистина е дека како најголема критика за Отворен Балкан во регионот се упатува на тоа дека Србија има најголема корист од иницијативата. Вистината е дека Србија има корист, како и сите други, во случајот Северна Македонија и Албанија – рече Брнабиќ посчувајќи како пример податок дека увозот на Србија од Македонија се зголемил за 56 отсто.

Ако се погледнат сите аспекти, како што рече таа, подеднакво е добро за сите три држави во Отворен Балкан: Северна Македонија, Србија и Албанија, па очекува на иницијативата да се приклучат и останатите земји од регионот.

Ковачевски ја предводи високата владина делегација која што е во официјална посета на Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот