За која политичка гарнитура во Бугарија „навива“ македонската Влада

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Невкусно и лигаво е кога македонските претставници во преговарачкиот процес со Бугарија ги правдаат навредите, лагите, говорот на омраза и простотилакот на некои бугарски политичари кон македонската посебност, со тезата дека тие биле искажани во предизборен период.

Ако е предизборен период, тогаш нема логика во овој момент, со оваа политичка гарнитура воопшто да се преговара. Дотолку повеќе што она што тие „блгарски политици“ го говорат усно по медиумите, го препраќаат како официјален документ, за кој потоа нашата страна се консултира и премислува. Наивно и инфантилно е да се мисли дека веднаш по изборите овие исти луѓе од кабинетот на „пријателот“ Бојко Борисов ќе го сменат не само вокабуларот, туку и ставот кон Македонија, доколку останат на власт. И тоа и Каракачанов и Захариева најтворено го кажуваат. Дури и тие повикуваат на „смирување“ на емоциите. А емоции ќе има се додека активно се разменуваат најразлични документи, во кои пишува се и сешто, а кои потоа се коментираат јавно.
Но токму оваа изборна непредвидливост треба да е дипломатски доволна за да се замрзнат преговорите со постојната политичка гарнитура. Вака излегува дека Владата во Скопје ја преферира победата на сегашната коалција на власт во соседството.
За кого тоа „навива“ официјално Скопје во изборната трка во Бугарија, ќе се прашаат останатите политички субјекти таму, кои претендираат да ја освојат власта, но и во ЕУ која и самата истури лавина критики за недемократскиот начинот на владеење, за корупција, криминал, влијание врз медиумите!

Оттаму и разбирливо е што во бугарските медиумите, темата Македонија е доминантна во предизборната кампња на политичките претставници. Она што повеќе зачудува е како Каракачанов си тера предизборна кампања преку македонските медиуми! Се што ќе изјави се пренесува тука, а не ретко и самите македонски медиуми едвај чекаат да го поканат за изјава или интервју во кои тој најдрско ги навредува и нив со тоа што го навредува македонскиот народ, неговиот идентитет, неговиот јазик, култура, историја.
Кога би се замрзнале преговорите со бугарските власти во оваа фаза, би се намалил и нашиот јавен интерес за внатре бугарските политички односи, и со тоа и за ламентирањата на политичарите за бугарскиот карактер на Македонија. Од друга страна низ медиумски соочувања на различни политички субјекти во Бугарија би имале можност да слушнеме дали постоијат и други политички опции со кои во иднина може да се преговара.
Тоа значи дека доколку дојде до смена на власта во Бугарија, Македонија ќе продолжи да преговара со новата политичка гарнитура, иако е јасно дека во Бугарија има не само политички туку и национален консензус за восприемање на македонштината како бугарштина. Но тоа е патот и формата на одржување на дипломатска предност пред трета страна.
И тоа Македонија засега добро го турка. Во меѓувреме да си ја тераат европско-американсата дипломатска агенда и офанзива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот