За кого игра Оливер Вархеји

Оливер Вархељи, Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Без разлика дали неговиот анимозитет кон Македонија тој го црпи од азилот кој неговата матична Унгарија го додели на Никола Груевски, тој негативен однос кон земјава постои и тој ни е потврден од високи дипломатски извори.

Еврокомесарот за проширување на унијата Оливер Вархеји во принцип не носи добри вести за Северна Македонија. Штом дојде најава дека Вархеји ќе дојде во земјава треба да знаеме дека носи некаква порака која ќе предизвика дополнителни фрустрации во земјава од европскиот недостаток на принципи.

Минатиот пат еврокомесарот ноншалантно одговори дека за проблемот со Бугарија „не треба да се прави драма”, за овој пат да не сака воопшто да дебатира за тој став. Вархеји предизвика и студен туш во земјава кога рече дека треба да постигнеме договор со Бугарија ако сакаме да ги почнеме преговорите со Брисел, или во превод, земјава да направи уште отстапки покрај Преспанскиот договор ако сака да влезе во предворјето на елитниот европски клуб.

Во последната посета Вархеји вели дека е можно Албанија да се одвои од пакетот со Македонија доколку земјава не постигне договор со Бугарија. Дали еврокомесарот има кратко помнење или само се прави недоветен, но Македонија можеше да биде длабоко во преговорите доколку при блокадата од Макрон за земјава, Европската унија дозволеше раздвојување на пакетот со Албанија.

Но, нејсе, сто стапа по туѓ грб не болат нели, па официјален Брисел сега повторно во рѓосаниот грамофон ја враќа старата плоча од проблемот со Грција: решете го проблемот па ќе го добиете морковот. Но после Преспанскиот договор време е некој директно да им каже на бриселските бирократи дека не им веруваме. Не е спорно дека и нашите политичари не се секогаш во добри односи со вистината, но Северна Македонија е директно излажана дека доколку го потпише Преспанскиот договор ќе добие почеток на преговорите со ЕУ.

Американците го исполнија своето ветување за НАТО, а Европа целосно потрфли да ги исполни своите ветувања и очекувања. Во политиката работите не треба да се гледаат низ емотивна призма, а земјава е научена да живее во криза, па и несупехот да се почне европскиот пат не е некоја тешка драма за Македонија, па така треба и да се продолжи во преговорите со Бугарија. Навистина е многу важно што земјава стана членка на НАТО, и само политички слепци и историски лаици не разбираат колкава е и каква е таа важност.

Но Брисел засега нека почека, доста е веќе од употребата на рафинираните европски финти провлечени низ балканското шверцерско сито и нови политички игри на сметка на македонските граѓани. Но да се вратиме на Вархеји. Без разлика дали неговиот анимозитет кон Македонија тој го црпи од азилот кој неговата матична Унгарија го додели на Никола Груевски, тој негативен однос кон земјава постои и тој ни е потврден од високи дипломатски извори.

Но еврокомесарот сега доби и директни деманти од срцето на Брисел, па така двајца угледни новинари кои долги години ја следат надворешната политика цитираат официјален извор од Европската унија кој вели дека изјавите на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, за разделување на С Македонија и Албанија во пристапните преговори не се официјален став на Европската комисија. Тоа на Твитер го пишуваат новинарот на „Волстрит џурнал“, Лоренс Норман, како и Ендрју Греј уредник на “Политико”.

Не е случајно што тие двајца угледни новинари пренесуваат порака директно кон Вархеји и ја третираат Македонија и очигледно е дека некој од Брисел сакал таа порака да биде пренесена. Но доколку Вархеји не го преставува ставот на Европската комисија, тогаш кого тој преставува? Унгарија, Бугарија, неговите лични ставови или некоја трета земја.

Она што е очигледно е дека еврокомесарот во овој натпревар игра против Македонија а за мотивите можеме само да предпоставуваме. Во исто време во јавноста дојде уште една интересна порака, и тоа од демократскиот конгресмен од Северна Каролина, Дејвид Прајс кој вели дека однесувањето на Бугарија е опасно и фрустирачко и за САД, а не само за Северна Македонија. Со овој став само се потврдуваат нашите претходни пишувања дека САД се живо заинтересирани за решавање на проблемот со Бугарија, бидејќи како и во случајот со НАТО, тие европската интеграција на Македонија ја гледаат како безбедносно прашање.

Вашингтон сака да ја затвори таа балканска брана против се поголемото влијание на Русија и пред се Кина во регионот а во бугарскиот потег гледа уште една проблематична појава која укажува дека руското влијание во Софија е сеуште силно, иако земјата е членка на ЕУ и НАТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот