За каков јавен интерес зборува Арсовска?

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Ќе се мачиме сите ние во градов уште цели три години! Со тврдоглавоста, непопустливоста, неспремноста за разговори, за договори, па дури и за компромиси, ако тоа е за доброто на скопјани за кои целата градска гарнитура треба да работи.

Има ли некој во Скопје, во државата да „свирне со свирчето“ и да каже – крај, доста е? Доста веќе ги малтретиравме граѓаните, доста им одевме на нерви, доста го тестиравме нивниот праг на издржливост и толеранција! Навистина, доста е веќе! Има ли таков, еден барем, што ќе стави некаков крај на оваа лакрдија што се случува изминатава година во главниот град?

Се преморија граѓаните, навистина, секојдневието им се претвори во мачење, затоа што едно нормално одење до работа стана луксуз, што не можат повеќе да си го дозволат оние што дотаму стигнуваат со автобуси. Месец и половина трае хаосот во градскиот превоз (оној, што требаше да биде бесплатен), уште откако се случи штрајкот на ЈСП „Скопје“, кога си ги паркираа автобусите пред Владата. Два дена ги оставија скопјани без градски превоз, барајќи плати што им доцнеа само три дена и барајќи Владата и општините да им ги исплатат парите што наводно им ги должеле.

Да потсетам дека тогаш градоначалничката Данела Арсовска се закани дека нема да се тргнат автобусите од пред институциите доколку не ги добијат парите што им се должат. Потоа долгот се заборави кога градскиот Советот итно изгласа на ЈСП да му се дадат 133 милиони денари од буџетот (и, замислете, буџетот не беше блокиран). Тоа што граѓаните во тој период не знаеја како да стигнат на работа или каде и да морало да одат, не беше важно.

За каков тогаш јавен интерес зборува Арсовска? Кој е тој јавен интерес што го штити од приватните превозници и од тоа да се „спречи полнењето на приватните џебови“. На граѓаните или на ЈСП? Затоа што, доколку навистина се грижи за граѓаните, ќе направи сè за да се реши хаосот со автобускиот превоз за луѓето да не мрзнат по станиците надевајќи се дека ќе дочекаат автобус и за да не се туркаат како во конзерва во возилата.

Градоначалничката упорно тврди дека ЈСП редовно и навремено ги опслужува граѓаните. Не знам кој и ги кажува овие невистини, но доволно е еднаш да излезе од канцеларија и да отиде барем до најблиската автобуска станица. Па да види дали автобуси има доволно. Да си ги види граѓаните за кои е толку многу загрижена како се снаоѓаат за превоз. Да слушне што има тие да ѝ кажат.

А и простата математика покажува дека по улиците нема доволно автобуси. Приватниците возеа со околу 200 (истите тие што ќе го блокираат сообраќајот низ градот в петок, ако дотогаш не се реши проблемот). Значи, 200 автобуси недостигаат во јавниот превоз, кој и претходно не беше совршен. А ЈСП сега, со сите поправки што ги направи на старите и расипани возила, има вкупно 270, како што тврди неговиот директор. Безмалку половина од претходно. И тоа било доволно за редовно и навремено опслужување на скопјани!?

ЈСП и Град Скопје им должат на приватните превозници. И тоа не е полнење џебови, туку почитување на обврските од договорот што го имаат со нив. Кој договор предвидува кому како и кога ќе му текне да го прекине? А за тоа дека дел од автобусите на „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ биле нечисти, стари и не почитувале возен ред, може да се дискутира. Но, претпоставувам дека има некој надлежен што врши проверка во каква состојба се автобусите што превезуваат патници. Или нема, што е поверојатно. Да имаше, ќе видеше, на пример, колку се нечисти некои од автобусите на ЈСП што се вратени на улиците. Ќе видеше и какви „крнтии“ се тркалаат на линијата 19. Од кој магацин ли ги извадија? И дека возниот ред и за автобусите на ЈСП е само мртво слово на хартија, барем во изминатиов период откако од „игра“ е исфрлен „Макекспрес“.

Советниците и овој пат побараа одговори за тоа што се случува со приватните превозници. Побараа Арсовска да им каже на што се темелат нејзините обвинувања дека приватниците пет години не прикажале продажба на карти – колку картички се подигнати од ЈСП, има ли за тоа белешка за задолжување, дали билетите се продадени или се вратени во претпријатието. Конкретен одговор немаше ниту од Арсовска, ниту од в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски. Всушност, при сите овие обвинувања не се покажа никаков документ, ниту еден. Сè се сведе на рекла-кажала. И на арогантниот став на градоначалничката: Ако им должиме, нека тужат!

Значи, разрешница нема никаква, ниту на повидок. Ќе се мачиме сите ние во градов уште цели три години! Со тврдоглавоста, непопустливоста, неспремноста за разговори, за договори, па дури и за компромиси ако тоа е за доброто на скопјани за кои целата градска гарнитура треба да работи. И од сето ова во никој случај не може да биде изземена ВМРО-ДПМНЕ! Тие го имаат мнозинството во градскиот Совет, тие ја седнаа Арсовска во градоначалничката фотелја. Е, сега, тоа што очекуваа дека таа ќе седи таму мирна и послушна – никој не им е крив!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот