За јавноста, заминувањето од функција на Рашковски е недоволно

По серијата обвинувања за скандалозни јавни набавки поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски поднесе оставка од најновата владина функција секретар за поддршка на институциите. Премиерот Зоран Заев ја прифати оставката, а опозицијата и аналитичарите бараат и правна, покрај политичката одговорност. Рашковски во оставката филозофски наведува дека политиката станала погласна од природните науки, па била непогодна работната атмосфера за некој што бара логика во сè. „Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање зад функции“, му напишал Рашковски на Заев.

Јавноста во последниве два месеци интензивно бараше одговорност од Рашковски заради повеќе случаи, како набавката на софтверот за МВР што никој не го користи, за одморот во Мексико среде бројни смртни случаи од корвид-19, а деновиве медиумите објавија и дека вози џип од 78.000 евра што не му е пријавен во анкетниот лист, како и тоа дека гради луксузна хациенда од 800 квадрати во селото Побожје. Претходно неговото име се споменуваше во сомнителниот случај со набавката на радарските системи од италијанската компанија „Леонардо“. Спорен беше и договорот за итен хеликоптерски медицински тим, што тој го опиша како „ремек-дело“, а опозицијата како „криминал“. За дел од овие случаи се води или е најавена постапка во Држаната комисија за спречување на корупцијата, а за софтверот води истрага Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Владиниот портпарол Душко Арсовски за медиумите рече дека повлекувањето од функцијата на Рашковски е негова лична одлука, а Владата во неколку наврати ги охрабрила институциите да проверат дали се прекршени некои процедури и правила.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис очигледно е дека Владата е сензитивна на притисокот од јавноста и тоа е позитивна работа.

– Оваа влада, за разлика од претходните, реагира на притисоците од јавноста и тоа е позитивно. Негативно е што на овој потег на Рашковски долго се чекаше и што овој пример е редок исклучок. Досега не видовме оставки на високи функционери, освен оставките на Ден Дончев, Лидија Димова и сега на Рашковски. Исто така, оставка без правна завршница е некомплетна одговорност. За Рашковски повеќе институции водат постапки и треба да се истераат до крај. Јавноста тоа го очекува и ќе врши притисок – вели Трошановски за „Слободен печат“.

И од ВМРО-ДПМНЕ вчера побараа аферите во кои е вмешан Рашковски да се истражат до крај и да се испита неговата имотна состојба.

„Изнудената оставка на Рашковски проследена со арогантен напад на јавноста не е преземање на одговорност. Овие милионски скандали не се покриваат со оставка, потребана е одговорност и судска разврска“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Рашковски до скоро беше Генерален секретар на Владата, а потоа ја доби функцијата Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти. Во оставката, меѓудругото пишува дека ќе остави времето да покаже зошто во јавноста се деградира личност како него.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот