За излезот од коронавирусот

За да се сфати суштината на македонските интелектуалци и дејци од 19 век, и зошто тие се претставувале како Бугари, или Срби, или со друга припадност, убедена сум дека е неопходно да се претстави личноста и делото на Григор Прличев. Нивните напори наоѓаа одраз во македонските организирани здруженија, во обидите за востанија, за да дојдат до својот реален и познат за нив идентитет.

Си замина и непредвидливиот месец април, исполнет со многу прашалници. Како и мнозина, и јас сум фатена неспремна за еден неочекуван колаж. Бев достатно храбра во почетните доживувања на новиот вирус, исполнета со верба за медицинските достигања на 21 век. Охрабруваа и советите на стручните лица за полесниот помин на епидемијата. Размислувајќи за сопственото опстојување заклучив дека моето време ќе го исполнам со можните истражувања во областа на мојата животна преокупација со книжевноста.

Започнав со работа пред компјутерот. Набргу запрев, бидејќи не можев да дојдам до нужната литература. За жал, не работат библиотеките, факултетите, архивите, моите втори куќишта во животот. Размислував, компјутерот не ми ги дава нужните текстови. Но, продолжив, размислив дека треба да се концентрирам на темата која ми е во оваа сегашност најпривлечна, а веќе ја знаев – темата за големиот охридски автор Григор Прличев, сместен во нашиот „проблематичен“ 19 век. Ја имав предвид и заклучната мисла.

Прличев барал посебен јазичен израз за свој писмен јазик

За да се сфати суштината на македонските интелектуалци и дејци од 19 век, и зошто тие се претставувале како Бугари, или Срби, или со друга припадност, убедена сум дека е неопходно да се претстави личноста и делото на Григор Прличев. Со ваквиот опсежен осврт никој не би требало да се двоуми дека таква била судбината на македонските борци без сопствен национален и државен признат статус. Нивните напори наоѓаа одраз во македонските организирани здруженија, во обидите за востанија, за да дојдат до својот реален и познат за нив идентитет. Охридскиот талент Григор Прличев, со потекло од сиромашна охридска фамилија, од оние побројните, за разлика од малубројните чорбаџиски семејства, преку одличното совладување на грчкиот јазик што му го предаде неговиот дедо, во Атина ја доби престижната награда и титула „Втор Омир“ за делото „Сердарот“. Откако ги сфати одбивните ставови на Грците кон неговите сиромашни сонародници, се јавува како учител по бугарски јазик во повеќе градови во Македонија. Откако ја добил негативната критика од бугарскиот критичар Нешо Бончев, му одговорил дека не требало да пишува толку многу за неговите јазични грешки, туку требало само да напише: „Григор Прличев не го знае бугарскиот јазик“. Прличев во суштина го знаел и одлично го применувал охридскиот дијалект, но во литературен однос барал посебен јазичен израз за својот писмен јазик и го пронашол според своите сознанија во еден изграден посебен општословенски јазик.

Ваквото барање го продолжиле многу успешно подоцна славистите Петар Драганов, потоа Крсте Петков Мисирков, посочувајќи го центарот на македонскиот литературен јазик, со деталното проучување на изворните податоци за македонските дијалекти, кои во никој случај не се дел од бугарскиот или од српскиот јазик. Очевидно. Прличев кој бил вљубен и запознат со делото на Свети Климент Охридски, кој вложил посебни напори во изградбата на познатата Охридска книжевна школа, и во лингвистички аспект сакал да се приближи до црковнословенскиот јазик, на кој јазик Свети Климент влегол во длабоката духовност на охриѓаните, кои и поодделно и помасовно го прославувале на целата широка подлога од некогашната Охридска школа.

Претполноќна слика

Откако го прибрав веќе собраниот материјал, подготвен за утрешното продолжение, седнав на каучот, вклучувајќи се во ТВ-вестите. Ги слушав со внимание, ме израдува намалениот број на заразени лица, но веднаш потоа следуваат партиски расправии околу собраниските настани, изборните желби, спротивставените изјави на партиските претставници, што онерасположуваат. Каде е тоа толку нужно единство на еден малуброен народ и тоа вековито омаловажуван и непризнаван?! Каде исчезнува онаа наследена широчина на љубовта, изобилно дарувана од нашите предци, во малите и ситни подароци, достоинствено согледани во меден цвет, извлечен или од бабината бавча или од природниот букет на нашите ливади и разлистени шуми?!

Го предосетив враќањето на апатијата, деструктивноста, дури и на психоаналитичната состојба. Ги напуштам телевизиските говорници, излегувам на балконот, потоната во несакана безизлезност. Се плашам, таа ќе трае. Но, занемувам, и тоа веднаш и неочекувано, само што го насочив погледот во просторот пред себе. Некој, во такво снеубавено расположение, ми поклонува величествена слика, ненасликана, природна слика. Претполноќна: На непрегледно воздушно платно ме засенува месечината во полукружно раѓање. Високо на небото, без знак на трепетен сигнал на бескрајот од затемнетата синевина, без ниедна дамка или некаква граница. Околу месечината расфрлени, но стабилно вградени неколку sвезди. Во ноќната обоеност само осамените sвезди, елегантно, одвреме-навреме затреперуваат. Знаци на живот на занемената слика. Ни звук од инсект, ни лаеж на куче. Ни лет на птица. Слика без музика. Мојот поглед е вишнат високо до месечината. Го спуштам пред мојот балкон. Низ провидноста на разлистените листопадни дрва, густо припиени едни кон други, во километарска далечина розова разлеаност на воздухот под небото. А липата влегува во мојот балкон со нежноста на штотуку процутените цветови со сѐ уште недопрен мирис. Не е тој од бујните липи крај Драгорот во Битола, што го вдишувавме изобилно, опивно. Овој плашливо се разбудува и не се понудува, треба да го допрам самата. Дали сум запомнила некое друго вакво небо?

Седнувам на фотелјата и веќе сум пренесена во тоа друго небо. Една ваква претполноќна вечер, во Бигорскиот манастир, во 2010 година. Во девет часот сите монаси и монахињи, и гости во манастирот се наоѓаат во своите манастирски кревети. Светло ниту во еден прозорец. Нечујна молитва и спокој од денот долг. Јас не можам да се одделам од саканото место на отворениот чардак од манастирот. Спокој, мир, мислите се групираат во библиски насоки. Погледот ми одлетува кон небото. Станав веднаш од клупата. Небото само што не се спуштило на дофат од мојата рака. А тоа е толку натежнато со стотици sвезди, со светлосни сигнали, толку многу ги има! Нивниот трепет е придружен со воздушна музика, невидливо тиха. Песната на штурците го возвеличуваат небото, како да изникнуваат насекаде околу чардакот. Постепено ми се откриваше суштината на ноќната драма-мјузикл. Во неа, небесната слика не беше како оваа скопската, таа беше раздвижена со многубројните глумци околу големата месечина, небото во пресрет на музичките земјени песни, штурците во прегратка со тишината што ја живнуваа, споени небесните и земните бои, разновидни, а мозаично слиени. И помислувам, на кои други небесни вечери се сеќавам? Овде, во манастирот, тие минуваат занесно, зашто денот ме исполнил со резултатите од теренската истражувачка работа.

Зар само Неапол распостила едно исто небо?

И доаѓа спонтано небото над Неапол и Капри, во слики како да се распослале пред мене. Првпат во Неапол. Во сончевата убавина на градот со професорот Миниси пиеме „писателско“ кафе во Друштвото на италијанските писатели, 1998 година. Нежното синило на небото го разбранува белузлава пена, во мали подвижни облаци. Чиниш небото се бранува, а под него исто синило на морската вода со белузлави бранови. Како да се огледуваат еден во друг. И покрај несопирливите разговори со професорот за македонистиката, окото ја лови нежноста на разлиените мозаични бои. Лекторатот за македонски јазик во Неапол активно работи 28 години, а во професорот македонската лингвистика има висок научен профил. Не заборава да истакне дека за него Блаже Конески е достоинствениот и талентиран кодификатор и научен проникнувач во суштините на македонскиот јазик, кој и во лингвистиката ја инкорпорира поетската наследеност. Со долгогодишниот македонски лектор во Неапол, со мојот одличен колега и пријател Наум Китановски се сретнавме уште првиот ден. Изминувајќи ги живите неаполски улици бев вчудовидена колкава популарност достигнал мојот колега, зашто на секој чекор многу љубезно го поздравуваа бројни неаполци. Почувствував гордост со доживеаната популарност на Науме. Во сите реализирани службени контакти нѐ следеше секогаш ведрото синило.

А зар само Неапол распостила едно исто небо, а видено во безбројни природни уметнички варијанти? Размислував за тие разновидни слики доживеани во научните контакти во славистичките средини во Чикаго, Брисел, Атина, Москва, Рим… Се јавуваат во мислите позитивните резултати од сите тие средби кои ме придвижуваа секогаш, со насочен поглед и во хоризонтот напред и кон небото.

Очевидно, по полноќната размисла следува мојот излез од пандемиската психоза, зашто, веќе сум сигурна – утре ќе продолжам со Григор Прличев. И небесата ќе бидат присутни! Бигорскиот манастир го надживеа пожарот, Неапол го совлада вулканот, а нашата земја ќе ја надживее пандемијата само со работни показатели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот