За имунитетот на демократијата

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Тоа што сме мала земја не значи дека и  во нашето општество не постои политичкиот вирус на радикалната десница – ултрапатриотскиот национализам, расизмот и омразата кон левицата и демократијата. Во услови на голема економска криза и невработеност, каква што би можело да следува по пандемијата, човечките суштества стануваат помалку отпорни на оваа политичка зараза – во Македонија, во Европа или во Америка. Затоа треба напор, секојдневна борба и оптимизам да се сочуваат слободата, демократијата и либералната држава.

Пандемијата на коронавирусот покажува дека многу либерални луѓе се спремни, барем привремено, да се откажат од своите демократски принципи само за да се справиме со злото. Исто како по терористичкиот напад од 9/11, кога повеќето Американци ги прифатија без противење проширените безбедносни мерки и тајното следење, како и други форми на ограничување на човековите слободи.

Добро, куќата ни е во пламен и се очекува сите да придонесеме да се изгасне огнот на коронавирусот. Меѓутоа, идејата дека ништо друго не е важно е плитко размислување. Треба секогаш да мислиме и за имунитетот и на демократијата. Во каква состојба ќе биде демократијата во светот кога ќе заврши пандемијата?

Артур Розенберг, германски марксистички историчар, во 1932 година го пишува својот влијателен политички есеј „Фашизмот како масовно движење“.  Розенберг корените на фашизмот ги наоѓа во реакционерните масовни движења од деветнаесеттиот век. Овие движења пропагирале ултрапатриотски национализам, расизам и омраза кон левицата и кон демократијата. Значи, иновацијата што ја вметнуваат фашистите од Италија и од Германија во формулата на нивното владеење не е толку во идеологијата која е само имитација на раните традиции на конзервативната и радикална европска десница, туку во употребата на вооружени банди во борба против левицата и демократијата. Оттаму, и денешната грижа да не се запостави овој опасен политички вирус на фашизмот и, преку пасивизација на општеството, да не му се создадат услови да прерасне во епидемија.

На крајот од оваа пандемија сите држави во светот ќе бидат соочени со сериозен избор. Заедно да почнеме да создаваме едно поправедно домашно општество во еден поправеден свет, или секоја држава одделно да дозволи да продолжи еден трагичен циклус на пренесување на моќта врз државата онака како што ќе се мултиплицираат неволјите на човештвото. Имено, ако човештвото продолжи по истиот пат на брутална и неограничена експлоатација на ресурсите на планетата Земја, кои, пак, се ограничени, ова со короната ќе почне зачестено да ни се повторува, во еден облик или во друг.
Отсуство на светска грижа за климатските промени, за неконтролираниот раст на популацијата, за ограничените количества воздух и вода, да не ги споменувам болестите на сиромашните народи, сега е веќе јасно, ќе ги погоди и најбогатите земји во светот. Таквата негрижа за заедничкото добро на планетата Земја, во корист на еден хипериндивидуализиран капитализам што почива врз егоизмот, во наредните декади ќе предизвика епидемии, енормен пораст на немаштијата, преселба на народи и драматични климатски промени. Ова, денес, сѐ уште е политичко прашање.

Но, стрелките на часовникот покажуваат пет до дванаесет. Кога оваа состојба ќе стане  реалност во која луѓето масовно се разболуваат и умираат, барањето на алтернатива ќе се наметне со сета драматика. Но, таквата состојба е шанса и за вирусот на фашизмот.

Тоа што сме мала земја, не значи дека и во нашето општество не постои политичкиот вирус на радикалната десница – ултрапатриотскиот национализам, расизмот и омразата кон левицата и демократијата. Во услови на голема економска криза и невработеност, каква што би можело да следува по пандемијата, човечките суштества стануваат помалку отпорни на оваа политичка зараза – во Македонија, во Европа или во Америка. Затоа треба напор, секојдневна борба и оптимизам да се сочуваат слободата, демократијата и либералната држава.

Извор: Инбокс7

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот