За Хазарите одењето во џамија е живот или смрт

Хазари Авганистан/ Фото EPA-EFE/STRINGER

Секој пат кога Хусеин Рахими го напушта својот дом во Кабул за да се моли во џамија, тој ја чита Калимата – краток стих што е централен принцип на исламот – затоа што не е сигурен дали ќе се врати жив дома, пишува Ројтерс.

„Се плашам. Моето семејство се плаши кога одиме во џамија”, рече 23-годишниот Рахими, етнички Хазар (претежно шиитска заедница, која е мета на некои од најнасилните напади во крвавата историја на Авганистан).

Во последните две недели беа забележани самоубиствени бомбашки напади во авганистанските џамии – и двата напади за кои одговорноста ја презеде Исламска држава (ИСИС), а беа насочени кон малцинската шиитска секта. Вкупно загинаа повеќе од 100 луѓе.

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Силна експлозија во авганистанска џамија, десетици загинати

Во пресрет на насилството, некои Хазари воопшто не одат во џамија.

Хазарите долго време биле дискриминирани во Авганистан поради повеќе фактори, од кои религијата е само еден.

Но, додека илјадници загинале за време на последната талибанска влада од 1996-2001 година, појавата на Исламска држава во Авганистан од почетокот на 2015-та година беше она што ги направи нив и пошироката шиитска заедница систематска цел.

Дискриминирани и убивани

Неколку стотици луѓе биле убиени во самоубиствени напади врз џамии и центри на заедницата од страна на тврдокорните сунитски милитанти кои не ги гледаат како вистински муслимани, што донесе форма на секташко насилство што ги уништи земјите како Ирак и Авганистан.

Не постојат ажурирани податоци за пописот, но проценките велат дека големината на целокупната шиитска заедница е помеѓу 10-20 проценти од населението, вклучувајќи Таџикистанци и Паштуни, како и Хазари, кои зборуваат персиски.

Покрај тоа, Хазарите честопати биле жртви на етничките и економските ривалства ендемични за авганистанската политика.

Рахими ја загубил својата сестра, ученичка во 12-то одделение, во мај годинава при бомбашки напад на училиште во Кабул, во кој загинаа претежно млади девојчиња.

Иако талибанците ветија дека сите етнички групи во Авганистан ќе бидат заштитени, убиствата продолжија откако тие ја презедоа власта во август.

„Кога сме надвор од нашите домови, нашето семејство се јавува и прашува каде сме, ни велат брзо да се вратиме дома, ситуацијата е лоша“, вели Рахими, студент по информатика на Универзитетот во Кабул, држејќи слика од неговата сестра.

Тој сe уште собира храброст да оди во џамија за петочна молитва – најважниот собир за муслиманите ширум светот.

Авганистанска џамија/ Фото EPA-EFE/STRINGER

Градина на мачениците

Со повеќе од 400 шиитски џамии само во Кабул, целосната безбедност е невозможна и никој не знае каде ќе дојде следниот напад.

„Нашата заедница чувствува дека во идните петоци, можеби Херат ќе експлодира, можеби Кабул ќе експлодира, можеби некој друг град ќе експлодира“, рече Мохамад Бакер Сајед, универзитетски професор кој работел за рехабилитација на жртвите од претходните напади.

Хазарите кои зборуваат персиски, за кои се смета дека потекнуваат од армиите на монголскиот освојувач Џингис Кан од 13-ти век, се сметаат за трета по големина етничка група во Авганистан зад Паштуните и Таџиците.

Но, тие страдаат од дискриминација и угнетување откако „Железниот Амир“ Абдур Рахман расчисти илјадници луѓе од нивните земји во централен Авганистан за време на неговата немилосрдна кампања за основање на модерната авганистанска држава во 19 век.

Толку многу се убиени во самоубиствени напади што имаат посебни гробишта во Кабул, наречени „Градината на мачениците“, каде што беа погребани повеќето од загинатите во мајскиот бомбашки напад во училиштето.

„Авганистан крвари“ протести во Кабул/ Фото EPA-EFE/SHAHZAIB AKBER

Асиф Лали, кој работи во клиника неколку метри подалеку од училиштето, одлучи со своето семејство некое време да се држи подалеку од петочната молитва.

“Се плашиме од се. Дури и кога преминуваме улица”, рече тој.

Како и многу шиитски семејства во Кабул, и тој загубил близок член од семејството во таквите напади. Тој го загуби својот помлад брат кога бомбаш -самоубиец на Исламската држава уби десетици луѓе пред аеродромот во Кабул за време на хаотичната евакуација во август.

„Нападите врз шиитите не се само во џамиите, тие се случуваат во образовните институции и универзитетите “, рече тој.

Во времето на претходната влада, на шиитските заедници им беше понудена основна обука и оружје за да можат да ги заштитат своите џамии, но талибанците ги отстранија, оставајќи ги многумина уште поранливи.

Талибанските власти се обврзаа дека ќе ја зголемат безбедноста во шиитските џамии минатата недела, но гаранцијата не е доволна за многумина, кои имаат мала верба во движењето одамна сметано за нивен непријател.

„Тие треба да се консултираат со лидерите, научниците, професорите и другите социјални активисти на Хазарите и шиитите, кои знаат повеќе од талибанците за нивните безбедносни проблеми“, рече професорот Сајед.