ЗА ГОВОРНИОТ ШУНД на нашите политичари и политички ескперти

Кога човек ќе настине, ќе легне в кревет, ќе се затопли и ќе посака да заспие, „ќе пушти“ телевизија. Тоа значи дека човекот е навистина настинат, односно, болен. Зашто здрав човек, во нашата земја, не го прави тоа. Здравиот човек, ако останал кај нас, не гледа телевизија. Си има други играчки за лекување и за заспивање.

Што има на телевизија? Од секој канал, ти излегуваат „тие“, главните ѕвезди, политичарите. Не знаат ни самите од кој канал излегуваат веќе, вклучувајќи го и водоводниот, кој, во последно време, ни стана мака на нас, сограѓаните. Зошто да купуваме вода од 35 денари во шише кога имаме, нели, чиста вода за пиење?

Ама, ајде, да се втурнеме во темата, на јазичните болести и нивната штетност по македонскиот јазик. Значи, ако сте болни и вие, задлабочете се во говорот на политичарите, и во нивната реч. И прашајте се – дали на нашите политичари, кои, инаку, насекаде нè претставуваат низ светот, не им е потребен говорен стилист?

Што следуваше по „реков и пак ќе речам“

Следуваа, куп други лингвистички глупости. Легендарно ќе остане, на пример, она „разбира се“. Дури и симпатично, наспрема другите кои следуваа по него.

Следуваше – „нели“, па нели, па нели, па нели, нели до бескрај…, па следуваше она „секогаш може и подобро“.

Потоа, следуваа, тогаш, актуелните „ерга омнес“, па, следуваше сеприсутното- „дегутантно“, па следуваше, „па, видете, па,,“.

Па…

Потоа, следуваше семасовна политичка злоупотреба на зборот „дискурс“ , без значење во кој контекст (дискурсот) се употребува.

Белким, до тука заклучивте дека нам лингивстите, а и вам – пред тв екраните, не ни оди баш добро. Ни „шетаат“ ли пред тв-екраните луѓе кои немаат многу нешта да ни кажат, а имаат – уште помалку што да ни речат? Да, политичарите.

Одиме понатаму, што е говорен шунд?

Ако тргнеме од самото значење на зборот „шунд“ (од германски јазик, „шунд“, означува роба без вредност, отпад) – тоа подразбира уметничко дело без никаква уметничка, литерарна или било каква вредност. Ако го пренесеме „шундот“ на општественото живеење, на најзначајното нешто – говорот, на пример, тогаш јазичниот шунд би можел да подразбира зборови или изрази кои немаат никаква изразна вредност. Туку, тие претставуваат празен, безвреден јазичен материјал. Односно, пласирање на зборови (упатени кон народот) кои ништо не значат и ништо не кажуваат. Таков е речникот на мнозинството од нашите политичари, од осамостојувањето, до денес.

Како да го „читате“ нивниот јазичен шунд?

Поточно, како да се спасите од нивниот јазичен шунд и како да го препознаете. Лесно. Само треба да обрнете внимание на начинот на кој, повеќето, политичари ги искажуваат своите мисли. Непристојните зборови, налик на пцовки, употребени при дискусии, се јазичен шунд. Ваквите, зборови и навреди, кои редовно кај нас се изговараат, значат – тешкотии во изразувањето на нашиот политичар, кој инаку, нè претставува сите нас. Таквите, навредливите зборови, од лингвистички аспект, секогаш им служат на нашите политичари како наративни помагала за манипулирање со јавноста. Од осамостојувањето, до денес.

Заклучок од првиот дел 

Политичарите, кај нас, од еколошки гледан аспект, се листопадни дрва. Час го гледаш, час не го гледаш, па пак, го гледаш, со куп листови, формат А4, спремен за тендери. А, ти мислиш, листови од чај од липа ти носи, и добро здравје и благодет, оти си го гласал, за сите да оздравеме! Од културолошки аспект, пак, поголемиот број од политичарите кај нас се, за жал, сè уште, – се срамам што те слушам што и КАКО зборуваш. Најпосле, и не знам кому се обраќаш? Зашто во нашата земја, освен вас, има и цел КУП образовани луѓе.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот