За Гоце Делчев ќе расправа Мешовитата македонско – бугарска комисија

Записникот од десеттата средба, учебниците за седмо одделение кај нас, како и прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев се очекува да бидат теми на дискусија денеска и утре на 12. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Состанокот ќе се одржи онлајн поради состојбата со ковид-19, а формално домаќин на оваа 12. средба на членовите на Комисијата е Северна Македонија.

Комисијата се состана на 22 јануари, но само заради усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба.

– Двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот, посочија тогаш од Комисијата за МИА.

Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 3 и 4 декември минатата година, а теми на разговор беа содржините во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот периоди и образовни прашања. Како што информираа копретседателите по завршувањето на тој состанок, Драги Ѓорѓиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска, на 11. состанок многу малку било разговарано за Гоце Делчев и немало никакво поместување во однос на дебатата за заедничко чествување на неговиот лик и дело.

По состанокот на заедничката прес-конфренција Димитров истакна во однос на придавката македонски, воопшто не станува збор за бугарско гледање на Преспанскиот договор, туку, дека се работи на замена на теза, односно се инсистира дека во работата на Комисијата некој го става под сомнеж идентитетот и јазикот на граѓаните на Република Северна Македонија.

– Тоа не е вистина. Ако има некои забелешки тие се поврзани со патот кон формирањето на нацијата и идентитетот и таа историја што ја има еден современ јазик тоа се два квалитета на различни работи и не треба шпекулации со емоции на луѓето, рече тогаш бугарскиот копретседател на Комисијата.

– Проблемот со придавката  македонски  е во тоа што со колегите од Република Бугарија не се согласуваме во однос на тоа во кој контекст тие може да се употребуват, а во кој контекст не треба да се употребуваат, согласно Преспанскиот договор. Значи, ние не спориме за тоа дека сето она што е поврзано со државноста и произлегува од самата држава како комисија на РСМ, Влада на РСМ не може во записниците да влезат како македонска влада, тука ние немаме проблем. Меѓутоа, кога станува збор  на пример за македонска културна традиција, македонска историја, македонски јазик, македонски народ, тука имаме некое недоразбирање и јас сега да кажам дека денес бевме конструктивни двете страни во текот на следните денови ќе се состанеме повторно во помал состав за да го разгледаме  уште еднаш и да  утврдиме точно  каде е проблемот, посочи тогаш македонскиот копретседателот Ѓоргиев.

Двајцата копретседатели потврдија дека имаат различни начини на гледање кон интерпретацијата на минатото кон средниот век, како и за Цар Самоил.

Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот