За ЕУ нема алтернатива, членство во ЕЕЗ е само преодно решение

Фото: ЕПА

Идејата за членство во Европската економска зона која овозможува слободен европски пазар, размена на работна сила и слободен транспорт на стоки, услуги и капитал, според шефот на државата Стево Пендаровски е прифатлива само доколку биде дополнение и меѓузона кон нашето полноправно членство во Европската Унија.

Претседателот Пендаровски во интервју за МИА посочува дека дека Европската економска зона нуди економски можности и нѐ отвора кон заедничкиот европски пазар, но нам не ни треба само економија и профит, туку демократија и политичко искуство.

Шефот на државата минатиот месец на онлајн конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа” рече дека на земјава ѝ било понудено членство во Европската економска заедница, која била одбиена затоа што, како што додаде, нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ.

Идејата на земјите од Западен Балкан да им се понуди алтернатива – членство во Европската економска зона, според германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” (ФАЦ), однови излегува на површина. Според весникот, актуелизирањето на ваквата идеја ги сведува на минумум реалните шанси на земјите од региот за полноправно членство во ЕУ. ФАЦ смета дека ЕУ не сака целосно да се одвои од балканското соседство, а преку Договорите за стабилизација и асоцијација на земјите од регионот веќе им понуди меѓускалило кон полноправно членство.

– Рецептот, кој секогаш одново се споменува, гласи: Полноправно членство на балканските држави во Единствениот европски пазар. Со други зборови: целосно економско учество без право на политички глас – наведува ФАЦ.

Во врска со написот во германски ФАЦ, Пендаровски го нагласува ставот „не ни го ускратувајте членството во ЕУ еден ден како перспектива, кога ќе заслужиме, кога ќе испреговараме. Денес да влеземе во Европската економска зона, но, не или-или, туку и-и”.

Шефот на државата посочува дека и Хрватска го минала патот преку Европската економска зона, но земјата никогаш не престанала да преговара со ЕУ и никогаш не и била понудена само првата опција – заченување во ЕЕЗ, како замена за полноправно членство во ЕУ.

Властите во меѓувреме ги продолжуваат напорите, средбите и лобирањата да се постигне усвојување на преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи истакна дека во овој период акцент во разговорите со Бугарија ќе се стави на Акцискиот план, на соработката помеѓу секторите и помеѓу линиските министерства, со цел да се создаде амбиент кој во овој период делумно е нарушен.

– Ако ставиме фокус на тој Акциски план ќе создадеме предуслови за решавање на разликите што постојат во однос на преговарачката рамка – вели Османи.

Османи нагласи дека за усогласување на преговарачката рамка за членство во Унијата потребен е консензус на сите земји членки на ЕУ и оттука многу се важни комуникацијата и разговорите со нив за да им се објасни нашата позиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот