За електронската наплата на патарините досега се продадени 1.400 тагови и картички

фото: Слободен печат

Македонските возачи купиле околу 1.400 тагови и картички за електронска наплата на патарините во првата недела по официјалниот старт на овој проект.

Околу 40 отсто од продадените уреди се микробрановите транспондери (тагови) што чинат 1.200 денари, додека останатите 60 отсто се бесконтактните смарт – картички што можат да се набават за 100 денари.

На патарините долж Коридорот 10 веќе е ослободена лента за движење на оние граѓани што имаат купено картичка или таг, кои многу побрзо и поедноставно можат да платат патарина во споредба со останатите возачи.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов во изјава за „Мета“ вели дека најпрво е пуштен при – пејд начинот на плаќање патарина, со кој граѓаните можат за одредена сума да ја надополнат картичката или тагот.

За реализација на пост – пејдот се преговара со банките и овој начин на плаќање допрва ќе се воведува. Тој ќе биде особено значаен за поголемите транспортни компании, кои имаат повеќе возила, на кои им требаат повеќе електронски уреди за плаќање и многу почесто плаќаат патарина.

Електронската наплата на патарините на Коридорот 10 официјално започна на 3 јули годинава. Картичките и таговите може да се набават на наплатните станици долж Коридорот 10 и во Контролниот центар на ЈП за државни патишта во Петровец.

Минималната сума за надополнување изнесува 300 денари, при што електронскиот начин на плаќање им овозможува на возачите да остварат попуст за патарина од 2 до 7 отсто, во зависност од висината на сумата што ќе ја надополнат на нивните уреди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот