За една недела подигнати 223 непрописно паркирани возила во Скопје

Фото: МИА

Пајак-службата на ЈП „Градски паркинг” во текот на изминатата недела (15-22 јули) отстранила вкупно 223 возила од јавните површини на главниот град.

Како што соопшти Град Скопје, од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 30 се отстранети од зонските паркиралишта, а останатите 193 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

– Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 344 возилa поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 30 возила се отстранети со пајак-службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето, информира Град Скопје.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг” апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

-Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС- порака или со греб-картичка, се наведува во соопштението на Град Скопје

Видео на денот