За една недела 25 нови случаи на голема кашлица, вкупно 981 случај во државава

Фото: - / PhotoAlto / Profimedia

Во периодот од 26 јули до 1 август, пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица или пертусис. Од нив, три се хоспитализирани, велат од Институтот за јавно здравје.

Според последниот извештај на ИЈЗ, најголем број од случаите се пријавени во Скопје или 13, а пријавени се и 10 случаи од Куманово и по еден од Битола и од Тетово.

Возраста на заболените се движи од два месеца до 50 години, а најголем број од случаите се од возрасната група до четири години.

„Од заболените, 17 се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, петмина се комплетно вакцинирани, а тројца се вакцинирани согласно возраста“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 1 август во државата, регистрирани се вкупно 981 случај на голема кашлица, што претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.

Според извештајот на ИЈЗ, од вкупниот број заболени или 981, кај 974 лица се регистрирани симптоми, додека болеста кај седуммина е во асимптоматска форма. Од 18 јануари до 1 август дадени се вкупно 62 184 дози вакцина со компонента против голема кашлица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот