ЗА ЕДНА ГОДИНА 39 МИЛИОНИ ЕВРА: Министерството за здравство се претвори во биро за јавни набавки

Апарати за Клиниката за очни болести, резерви делови за ангиограф, лек за пациентите со мускулна дистрофија, лекови за пациенти со други ретки болести, десетина набавки на лекови за пациенти на Клиниката за хематологија, изработка на проекти за реконструкција на болници и нивна ревизија, медицинска опрема за Клиниката за кадриологија и за болниците во Прилеп, Куманово и Битол, па се до лубриканти, кондоми и тестови за ХИВ се дел од набавките кои Министерството за здравство ги направило овој и минатиот месец. Ако се разгледаат информациите на Бирото за јавни набавки паѓа во очи и податокот дека во последниве два месеци министерствоо има донесено и преку 70 одлуки со кои се поништуваат веќе почнати јавни набавки, така што ако и овие биле завршени, ќе имало уште повеќе набавки.

Зголемената динамика на јавните набавки е воочлива, бидејќи порано Министерството за здравство правело значително помалку набавки, односно долги години централно набавуваше Фондот за здравство, а потоа набавките беа префрлени на болниците, бидејќи беше решено дека здравствените установи најдобро знаат што им треба па и затоа треба тие да си набавуваат.

Оттука се поставува прашањето, дали Министерството за здравство од креатор на здравствена политика се претвора во биро за јавни набавки.

Институтот за граѓански комуникации неодамна излезе со податок дека од анализирани 124 државни институции ова министерство лани потрошило најмногу пари за јавни набавки, 39 милиони евра, а од друга страна било најмалку транспарентно во водењето на постапките.

Колачот на државни пари што ги троши овој сектор во иднина може и да се зголемува, бидејќи се најавува дополнително централизирање на уште некои набавки, покрај на пример инсулините, кои иако еден период ги набавуваше Клиниката за ендокринологија, потоа ги презема Министертвото за здравство.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека во светот е постојано присутна дилемата меѓу централизирани и децентрализирани јавни набавки.

– Кај нас, како и во многу други земји, преовладува концептот на децентрализирани набавки, што значи секоја институција сама да си го набавува тоа што ѝ е потребно. Бидејќи и едниот и другиот пристап имаат свои предности и слабости, неопходно е прво добро да се анализира пред да се прифати промена на концептот, во нашиот случај, пред да се премине на централизирани набавки. Централизираните набавки ги намалуваат трошоците, но значат и преземање контрола на органот што ја врши набавката врз целиот процес. Исто така, со централизираните набавки може да се занемарат вистинските потреби на оние на коишто им е наменет предметот на набавка, во случајов клиниките, кои пак се во почеста врска со крајните корисници отколку административниот кадар во министерството – објанува Филков.

Централизираните набавки, додава тој,  може да се вршат за постандардни производи, како канцелариски материјал, на пример.

– Со централизирање на набавките се зголемува и ризикот од корупција, бидејќи е во оптек поголем сума пари што е поатрактивно за корупција. Исто така е зголемена бирократизацијата на набавките, но и потоа спроведувањето на договорите меѓу набавувачот и оние за чиишто потреби се набавува.Она што може да се направи за да се избегне дел од ризичните фактори, а сепак да се искористат придобивките од централизираната набавка е групна набавка од страна на неколкуте клиники што ги користат овие лекови. Така, повторно ќе има услови за пониска цена, но ќе се овозможи набавката да ја вршат оние коишто ги знаат вистинските потреби. Така, ќе јакне дополнително капацитетот на одделните набавувачи, во случајот клиниките, а нема да има потреба допрва да се вложува во капацитети за нови и непотребни функции во министерството. Згора на сѐ, на скопската клиника и онака постои тело за централизирани набавки, кое може да се искористи во вакви и во слични ситуации – вели Филков.

Тој потенцира и дека пред да се размислува за централизирање на набавките кај Министерството за здравство, треба да се направат напори прво да се унапредат транспарентноста, отчетноста и интегритетот на ова министерство со сегашниот обем на набавки, а дури потоа да се преминува на поголем обем.

– И онака ова министерство води според вредноста на набавките, а од друга страна има голем простор за подобрување на перформансите – пред сѐ објавување на повеќе информации за тендерите, изработка и примена на внатрешни правила и процедури особено во оние фази од циклусот на набавки што не се целосно покриени со законот за јавните набавки, како планирањето на набавките, следењето на реализацијата на планот, следењето на реализацијата на договорите за набавки итн. сите овие работи би станале уште позначајни со евентуално зголемување на обемот и централизирање на набавките. За тоа се потребни силни служби за јавни набавки, квалитетни внатрешни процедури и добар „скор“ во досегашните набавки – објаснува Филков.

Од Министерството за здравство, пак, одговараат дека јавните набавки за јавно-здравствените установи ги вршат согласно барањата за потребите на овие установи.

– И јавните набавки се дел од креирање на политиката, за да не останат установите без потребните лекови и апарати. Ако ЈЗУ-ата немаат средства, тогаш Министерството за здравство излегува во пресрет. Тоа е дел од политиката на Министерството, како и креирањето на политики во насока на рационално искористување на средствата поради пониските цени кога се набавува поголема количина. Не станува збор за потрошени пари, туку набавки кои се однесуваат на лекови и апарати. Не може да се споредуваат јавните набавки во Министерството за здравство со оние на другите министерства со оглед на тоа што кај нас се работи за здравјето на граѓаните, каде итноста е најголем приоритет. Тука не станува збор за набавка на канцелариски материјал, туку на неопхдони лекови и апарати за работа на јавно-здравствените установи – велат од МЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот