За доброто владеење

Од нашите политичари не можеме да очекуваме дека ќе се замислат што прават и дека ќе земат колку толку да поднаучат, па и да применат некој од принципите на доброто владеење. Она што барем можат да го направат е да се обидат да го следат примерот на нашите спортисти.

Доброто владеење (Good governance) е термин што се појавува во осумдесеттите години од минатиот век и претставува мерило преку кое се оценува како јавните/државните институции ги извршуваат јавните работи и управуваат со јавните ресурси на добар начин. Или, со други зборови кажано, колку државата и нејзините институции управувајќи со средствата на граѓаните и јавниот имот работат за добро на општеството и граѓаните. Меѓународната теорија и практика знаат повеќе принципи преку кои државата и нејзините институции треба правилно да работат во интерес на своите граѓани, какви што се владеење на правото, одговорност, ефикасност и ефективност, транспарентност, етичност и др.

Од осамостојувањето на Македонија, политичарите што работеле врз база на овие принципи и во интерес на државата и граѓаните, а личните и партиски интереси ги ставиле во втор план, може да се набројат на прстите од една рака. Од друга страна, пак, многу повеќе се оние што државата ја сметале за лична сопственост, а извршувањето на јавната функција како средство за богатење.

Поуки од претходниците

Во првата група би ги издвоил Киро Глигоров и Борис Трајковски. Првиот го искористи целокупното свое долгогодишно искуство и знаење стекнато во лавиринтите на југословенската политика за да успее да ја извлече, тогаш младата држава во формирање, од страотните војни што се водеа на овие простори на крајот од минатиот век. Другиот, пак, успеа своите лични познанства и пријателства да ги насочи кон афирмација на државата и на нејзините интереси. Признавањето на САД на нашето уставно име во голема мера е резултат на личните релации што Трајковски ги имаше со тогашниот претседател на САД – Џорџ Буш Помладиот.

Од другата група би спомнал само еден, оној што во разговор со својот ресорен министер (за кого верувам сега си вика: „кој му е крив што не се снајде на време“) се прашуваше „да не е многу“ кога го договараше процентот на мито кое ќе им го побара на „жутите“ за изградба на автопат, кој патем, сѐ уште не е изграден. Погодувате, станува збор за Никола Груевски, персонификација на митото и корупцијата, човек што на државата и на народот им нанесе штета што со генерации ќе се исправа. Си ги поставувам прашањата: Кога навечер го гаси светлото во хотелската соба, која верувам често ја менува и пред која 24/7 стои обезбедување кое скапо го плаќа и на кое колку и да сака, не може 100 отсто да му верува (знаете, оној кој украл многу пари и на кого не му е чиста совеста е во константна параноја и страв дека некој нешто ќе му направи) и легнува да заспие, што мисли овој човек? Дали си вели самиот на себе: „Еј супер сум, ова е тоа што сакав да го постигнам во животот. Јас сум остварен човек?“ Дали тоа што е сам во туѓина, далеку од мајка му (со која беше толку приврзан) и далеку од неговите две малолетни деца и сопругата, може да се искомпензира со милионите евра украдени за време на неговото 10-годишно владеење? Дали вредеше?

Дали денешниве политичари ги имаат извлечено поуките (позитивни и негативни) од нивните претходници? Според однесувањето на најголемата опозициска партија, за жал одговорот е не. Поаѓајќи од принципот „колку полошо, толку подобро“ тие ја користат секоја прилика да го закочат секој процес кој актуелната власт го презема. Она што во секоја нормална држава претставува редовна статистичка операција, кај нас се политизира. ВМРО-ДПМНЕ измислува нереални и апсурдни предлози само да го закочи и да го оневозможи одржувањето на пописот. Не верувам дека идејата на СДСМ е да прави вештачки инженеринг на населението и да направи попис кој нереално би ја претставил состојбата во државата. Кочењето на донесување закон кој ќе го регулира одржувањето и спроведувањето на пописот не е во интерес на граѓаните, без оглед на тоа на која партија ѝ припаѓаат.

Примерот на спортистите

Исто така, поставувањето на Александар Даштевски за претседател на Државната изборна комисија претставува чин кој во никој случај не може да се смета за добро владеење. Не може човек кој во своите јавни настапи, без исклучок и во секоја пригода, ја популаризира и претставува политиката на обвинетиот и осуден криминалец Никола Груевски, да работи во интерес на граѓаните и општеството. Многу скоро, пратениците од владејачкото мнозинство ќе посакаат да си ги исечат двата прста што ги кренале за да гласаат за изборот на Даштевски, кога ќе видат со какви проблеми и опструкции ќе се соочи ДИК на следните избори, доколку волјата на граѓаните биде спротивна на очекувањата на раководството на најголемата опозициска партија.

Менаџирањето на ковид-кризата, а особено процесот на обезбедување доволен број вакцини за имунизација на населението, исто така, покажува немоќ и незнаење на актуелната власт како во интерес на граѓаните да го организира и спроведе овој процес. Без оглед на фактот дали најавените донации соседите ни ги даваат од жал или поради нивни политички и други интереси, останува горкото чувство дека државава и нејзините институции навреме не успеале да се вклучат во процесот на обезбедување на вакцините. Дополнителна фрустрација е и фактот што се чувствуваме како просјаци кои последни во Европа ќе почнат со имунизацијата и тоа благодарение на нашите соседи и на другите земји кои изјавија дека ќе донираат вакцини, а не на нашата влада.

Од нашите политичари не можеме да очекуваме дека ќе се замислат што прават и дека ќе земат колку толку да поднаучат, па и да применат некој од принципите на доброто владеење. Она што барем можат да го направат е да се обидат да го следат примерот на нашите спортисти, репрезентативците во фудбал, одбојка и ракомет, кои во ненормални услови на ковид кризата, со минимални финансиски средства и какви такви услови за тренинг, успеваат да го обелат образот на државата. Да нѐ претставуваат на најпрестижните светски и европски натпреварувања и да го подигнат моралот на населението и надежта дека во иднина сепак ќе успееме да изгласаме политичари кои ќе работат во интерес на граѓаните и општеството, за оваа држава конечно да стане пристојно место за живеење, па кога ќе одиме во странство да не се срамиме да кажеме од каде доаѓаме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот