За десетина дена почнува вакцинацијата против грип во земјава!

За најмногу десет дена во земјава ќе пристигнат веќе набавените вакцини против сезонски грип односно инфлуенца, по што веднаш ќе почне процесот на вакцинација, дознава ,,Слободен печат”.

Здравствените власти односно Министерството за здравство набавило вакцини кои се производ на ,,Санофи Пастер” ВАКСИГРИП ТЕТРА и тоа четиритипни вакцини. Вкупно се набавени 40.000 дози кои ќе бидат наменети за вакцинација на дефинираните ризични групи и тоа стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од шест месеци до пет години.

Како и претходните две сезони, заинтересираните лица ќе можат да ја закажат бесплатната вакцинација преку својот матичен лекар. Со цел избегнување на дополнително оптеретување на епидемиолошките служби при Центрите за јавно здравје, каде досега се спроведуваше вакцинацијата против сезонски грип, оваа година Министерството за здравство изготвува Акциски план кој ќе вклучи дополнителни вакцинални пунктови. На овој начин вакцинацијата ќе биде подостапна за граѓаните.

Kомерцијалните вакцини против сезонски грип ги набавуваат Центрите за јавно здравје од сопствен буџет и тие ја одредуваат цената, меѓутоа таа вообичаено се движи меѓу 500 и 600 денари. Во споредба со минатата сезона на вакцининација против грип кога беа набавени 28.000 дози бесплатни вакцини, оваа година количината која ќе се набави е за повеќе од 40 отсто зголемена.

Иако секоја година земјава набавува вакцини против сезонски грип, годинава тоа се прави засилено како една од стратегиите препорачани од Светската здравствена организација во борбата со справувањето со пандемијата со коронавирусот. Логиката е дека ако дел од населението се заштити од сезонскиот грип, тогаш здравствените капацитети ќе може да им се посветат на пациентите со коронавирус.

Оние кои се најмногу изложени на ризик од сериозни компликации од грип, се луѓе на возраст над 65 години – осум од десет смртни случаи поврзани со грип се во оваа возрасна група. Тоа е така бидејќи имунолошкиот систем слабее со текот на годините и станува помалку ефикасен во борбата против инфекциите, како на пример грипот.

Исто така, доколку заболениот претходно веќе имал проблеми со срцето, дијабетес, хронична црнодробна или бубрежна болест или белодробно заболување, грипот може да ги влоши овие состојби и да биде смртоносен. Најефективен начин да се спречи инфекција со грип или тешки компликации е вакцинацијата!

СЗО/ Европа им препорачува на лицата на возраст над 65 години и лица со здравствени проблеми да се вакцинираат против грип секоја година. Вакцините против грип се безбедни, а несаканите реакции се мали, особено во споредба со многу поголемиот ризик од компликациите од грип.

СЗО им препорачува на бремените жени да се вакцинираат против грип бидејќи се повеќе склони на потешка форма на болест кога се заразени со грип и тоа може да има негативни последици за фетусот. Што е уште поважно, вакцината против грип дадена за време на бременоста го штити и новороденчето во првите месеци од животот.

Исто така, здравствените работници се сметаат како ризична група со оглед на тоа што се повеќе изложени на различни вируси на дневна основа, вклучувајќи го и вирусот на грип и треба да се заштитат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот