За денешниот ручек, „нека заигра лажица“ со оваа вкусна крем чорба од зелена леќа

крем чорба од леќа
Irina Naoumova / Alamy / Alamy / Profimedia

За да си ја згрееме душата и да си каснеме нешто од нашите локално познати манџички, најубаво е кога ќе направиме нешто течно, како што нашите мајки и баби знаеја да кажат – „доста јадеш суво, треба да заигра лажицата“. Еве како ќе заигра – со овој едноставен рецепт за густа чорба од зелена леќа.

Здраво, вкусно, заситувачко јадење кое најдобро оди во комбинација со сезонска салата или туршија.

Потребни состојки:

  • мала шолја зелена леќа, покиснета во вода барем неколку часа
  • 1 главица кромид
  • 1 поголем страк праз
  • 1 морков
  • половина чешне лук
  • црвен пипер, бибер, зачин, сув магдонос
  • сончогледово масло

Подготовка:

Во длабоко тенџерче ставете сончогледово масло и загрејте го. Додајте го кромидот и празот насечкани ситно, морковот на коцки и промешајте. Додајте ја леќата добро исцедена (најдобро е да ја оставите да се кисне преку ноќ, за побрзо да се свари) и продолжете со запржување. Додајте црвен пипер, мешан зачин, бибер и сув магдонос.

Откако сите зеленчуци ќе се соединат, налејте вода еден прст над леќата. Оставете да прокрчка. Потоа додадете го чешнето лук насечкано на ситно и додајте уште малку вода. Варете ја чорбата додека не стане густа, и потоа со рачен блендер поминете низ течноста, да стане кремава, но да има и цели парченца од зеленчукот.
Послужете ја со печено лепче и салата.

Уживајте!