За црковни прашања не разговараме, иако Бугарите тврдат дека МПЦ потекнува од бугарската црква, вели Тодоров од историската комисија

Фото: ТВ Сител / принтскрин

Членот на заедничката Комисија за образовни и историски прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, Петар Тодоров, вели дека од македонскиот дел на Комисијата биле изненадени кога слушнале дека во јавноста се пренесува дека на последниот состанок со бугарските колеги дискутирале за црковни прашања.

-На средбите дискутираме за прашања поврзани со историјата на црквите од Средниот век, историјата на христијанството, тоа подразбира историјата и на Охридската архиепископија и дека нас не интересира како таа црковна институција средновековна е претставена во учебниците и таа тема беше предмет на дискусија и на последната 22-ра средба. Навистина бевме изненадени кога видовме дека во јавноста се пренесува дека дискутираме за црковни прашања, за црковниот статус на МПЦ-ОА, што не е наша намера, ниту сме имале намера да дискутираме за такви теми, вели Тодоров за Сител ТВ.

Тој изрази жалење што пласирањето на таквите дезинформации довело голем број луѓе да дискутираат, анализираат, да носат судови, вели, врз основа на нешто што не постои.

– Прашањето што ние го отвараме е како се претставува историјата на Охридската архиепископија во 10-ти, 11-ти, 12-ти, 13-ти и 14-ти век, а не како се отвара прашањето за статусот на МПЦ-Охридска Архиепископија денес. И тука треба да се внимава, да не се доведува јавноста во заблуда, да не се манипипулира со нејзините чувства, тука мислам на македонскиот народ, оцени Тодоров.

Членовите на македонскиот тим на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија вчера преку соопштение до медиумите реагираа на, како што наведоа, некоректното информирање на јавноста за темите кои се предмет на дискусија во работата на Комисијата.

Реакција од македонскиот тим во мешовитата историска комисија: Не работиме на утврдување на статусот на МПЦ-ОА туку на претставување на ОА во учебниците по историја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот