За чистење стрништа во Град Скопје стигнале 38 пријави – Слободен печат
ВестиСкопје

За чистење стрништа во Град Скопје стигнале 38 пријави

Во периодот до 30 септември, Градот Скопје ќе им биде на располагање на сите земјоделци кои имаат каков било отпад од берба и со наша помош бесплатно ќе го отстраниме од полињата за да се спречи негово палење

Во акцијата на Градот Скопје за бесплатно собирање на растителниот отпад од нивите и стрништата за да се спречи нивното палење досега се пријавиле 38 лица. Во согласност со динамиката и планот на работа изминативе денови се расчистени 25 стрништа. Со пет камиони собрани се вкупно 100 кубни метри растителен отпад, кој е однесен на депонијата „Дрисла“. Денеска отпад се собира со помал камион од локации со помало количество отпадоци и се очекува сите пријавени стрништа да бидат расчистени до крајот на оваа недела.

Сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071 395 395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собере нивниот растителен отпад и ќе го одложи во „Дрисла“.

Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која почна кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, со цел намалување на загаденоста на воздухот и зачувување на плодноста на почвата. Палењето стрништа, плевели и други растителни отпадоци ја уништува микрофлората и фауната во обработливиот слој на почвата – она што ја прави земјата жива, плодна и самообновувачка. Палењето стрништа и земјоделски површини во текот на летото е фактор кој има голема улога за избувнување пожари, коишто покрај огромната штета што ја нанесуваат на земјоделските култури, претставуваат и сериозна опасност за човечкиот живот.

Поради тоа, во периодот до 30 септември, Градот Скопје ќе им биде на располагање на сите земјоделци кои имаат каков било отпад од берба и со наша помош бесплатно ќе го отстраниме од полињата за да се спречи негово палење.

Кампањата за едукација од штетните последици од палењето стрништа се спроведува во соработка со градските јавни претпријатија, УНДП и МДЦ-Ти.нет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close