За чии интереси работи Љупчо Коцарев?

После остриот демант од целата катедра до МАНУ, Коцарев не се ни извини за лагата, туку само кажа дека е “среќен” што информацијата не била точна. Не постои ниво на скалата на погрешност со кое би можело да се измери овој потег на академикот.

Македонија е земја на небулози и тест полигон за нови социолошки проекти. Да, ова често го слушаме во јавноста, и, за жал, таа констатација е точна. Би било добро тие новитети да бидат технолошки напредок што би го подобрил животот на луѓето, но како што вели поговорката „Не умри магаре до зелена трева“, така македонските граѓани знаат дека нивната „лабораторија“ сепак е наменета за горчливи опити.

Во театарот на апсурдот е тешко да бидеш изненаден, но луѓето научија дека постои една константа, а тоа е дека „не постои дно“ во падот на стандардите и критериумите. Сепак, последниот скандал со претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, се чини дека поставува нови црни рекорди на изгубените вредности. Во своето квази-научно обраќање пред Академијата, Коцарев директно излажа дека „се укинува Катедрата по македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет”. Притоа Коцарев тоа не го кажа како мислење или претпоставка, туку како апокалиптичен факт кој, според него, дополнително докажува како се „уништува македонскиот идентитет“.

После остриот демант од целата катедра до МАНУ, Коцарев не се ни извини за лагата, туку само кажа дека е „среќен“ што информацијата не била точна. Не постои ниво на скалата на погрешност со кое би можело да се измери овој потег на академикот.

Значи зборуваме за претседател на највисока научна институција во државата, институција од која општеството очекува научен напредок, иновации на сите научни полиња, одговори за актуелните социо-економски дилеми, предвидувања за иднината и модели за иден развој. А ние добивме најобичен манипулатор. Не може да се опише зачуденоста од оваа трагикомична фигура, првиот меѓу најмудрите, првиот меѓу најучените, првиот меѓу најобразованите едноставно излажа и никому ништо.

Коцарев не се ни извини на јавноста, а камоли веднаш да поднесе оставка како што доликува во цивилизираниот свет за секого кој е фатен во лага. Но, овој академик нема право на грешки, тој нема втора шанса за лажење, едноставно МАНУ треба да претставува толку сериозна институција, што ваквиот потег на Коцарев ја девалвира академијата до бескрај.

И ова се случува за време на најтешките преговори со Бугарија во кои се тангираат тешки идентитетски прашања. Кога во нашата јавност ќе допреа анахроните позиции на Бугарската академија (БАН) во однос на македонскиот идентитет, тогаш домашните и меѓународните експерти ја користеа таа глупава позиција на БАН за дискредитација на целиот бугарски наратив во однос на Македонија.

И таа дискредитација оди толку успешно што во последните „апели” на Екатерина Захариева таа вели дека нема да попушти на притисоците на ЕУ и САД во однос на Македонија. А колку и да е Македонија галениче на Западот поради Преспанскиот договор, позициите на ЕУ и САД не би можеле да бидат толку цврсти да не е позицијата на БАН толку глупава. За жал, во исто време кога на земјава ѝ требаше цврста научна подлога како потпора за македонската правичност во спорот со Софија, земјава ја доби МАНУ на чело со Љупчо Коцарев.

МАНУ како агрегатор на лажни вести наместо кредибилна академија. Неверојатно. Претходно првиот човек на академијата даваше изјави дека Преспанскиот договор е генератор на криза на западниот Балкан. Изјава која е толку оскиморонска и небулозна што јасно укажува дека Коцарев има смислен план за делување и ја тера таа агенда како што е предвидено. За чии интереси работи Љупчо Коцарев кога отворено ја дискредитира МАНУ како ниту еден претседател во минатото?

Кој има интерес да се девалвира затворениот Преспански договор и да се загрози европската интеграција на земјата? Кој има интерес да се предизвикува дестабилизација преку МАНУ? Големите детективи велат – кога истражуваш нешто, секогаш прво најди го мотивот, а одговорите на претходните прашања навестуваат за чии интереси работи Љупчо Коцарев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот