За бизнисот нови бескаматни кредити – Ќе се работи повторно, но со протоколи

Се работи на изготвување план за реотворање на економијата, чекор по чекор, постепено, зависно за кој сектор се работи. Формиран е тим кој, како што објави министерката за финансии Нина Ангеловска, работи со стопанските комори, економските ресори, со Министерството за здравство и  епидемиолозите за да се креира план за постепеното отворање и кои би биле секторите кои временски етапно може да очекуваат кога да отворат и да се подготвуваат за одредени протоколи кои ќе мора да ги испочитуваат.

-На сите ни недостига нормалниот живот и сакаме да се врати поскоро, но здравјето е на прво место и треба многу внимателно да делуваме во оваа ситуација. Министерот за здравство кажа дека очекувањата се за мај, но дали третата недела, втората половина е рано да се каже, зашто зависи од кривата на движење на новите случаи, рече Ангеловска вчера на прес-конференција.

Таа објави дека на микро, малите и средните компании погодени од коронакризата од следната недела ќе им бидат на располагање нови бескаматни кредити преку Развојната банка како дел од новата кредитна линија Ковид 2. Средствата во вредност од осум милиони евра се обезбедени преку компензациските јапонски фондови и се дел од вториот сет антикризни мерки за подршка од Владата на фирмите и граѓаните.

-Нема ограничување на дејностите кои може да аплицираат. Еден од условите е компаниите да имаат пад на приходите од 30 проценти. Минималниот износ за кој може компаниите да аплицираат е 3.000 евра, а максималниот износ 90.000 евра. Кредитите се бескаматни, рокот на отплата е до три години со грејс период од 12 месеци. На нула се сведени и трошоците кон Развојната банка, рече Ангеловска.

Првата линија бескаматни кредити, „КОВИД-1″, изнесуваше 5,7 милиони евра и беше наменета за најпогодените три сектори: туризам, транспорт и угостителство. Досега по однос на оваа линија се одобрени апликации на 254 компании во износ од 2,2 милиона евра во кои работат околу 3.000 лица. Вкупниот износ на средства што им се даваат на располагање на компаниите со двата повика изнесува 13,7 милиони евра.  Покрај ова, компаниите имаат на располагање и околу 50 милиони евра преку комерцијалните банки.

Нови поконкретни и поопширни мерки за поддршка вчера побараа од транспортниот сектор, еден од трите најпогодени од кризата. Откако Владата донесе одлука за зголемување на акцизата на горивата асоцијацијата Макамтранс најави протест за следната недела со барања за помош на секторот. Со нив не се солидаризира транспортната асоцијација АМЕРИТ од каде сметаат дека тоа нема да помогне за излез од економската криза поради коронавирусот.

Бараат подетално образложение на ефектите од оваа мерка во јавноста, на транспарентен начин, но и гаранции за намената на собраните средства и нивна распределба онаму каде што е потребно, не изоставувајќи го товарниот транспортот, но и патничкиот превоз, кој бележи 100 проценти пад од почетокот на пандемијата.

-Очекуваме Владата да донесе нов сет на мерки, со кои би се ставил мораториум на кредитите на транспортните фирми додека трае вонредната состојба, да се укинат субвенците за авионскиот превоз и железничкиот превоз, и конечно да се реши проблемот со дивите превозници, а со тоа и ќе се зголемат средствата во Буџетот, порачаа од АМЕРИТ.

Анализата на консултанската компанија за недвижности Cushman &Wakefield/FORTONKMKA,  покажува дека состојбата предизвикaнa од епидемијата на коронавирус ќе има негативен краткорочен до среднорочен импакт и врз градежниот сектор во државава, како една од виталните гранки на домашното стопанство. Веќе се бележат драстично негативни бројки во многу сегементи сособено во интересот за новоизградените станбени објекти што е одраз на општата несигурност кај купувачите. Препорачуваат да помогнат општините со тоа што ќе ги намалат комуналиите за 50 проценти.

-Нашите податоци покажуваат дека со ограничувањето на движењето и општото чувство на економска несигурност во март и април се бележи намалена посетеност на станбените комплекси на продажба за околу 83 процент или за околу пет пати намалување во однос на јануари и февруари. Ова ќе има сериозни импликации врз побарувачката за нови станови што на крајот ќе се одрази врз целокупниот перформанс на градежниот сегмент во држвата, односно неговата сопосбност да го одржи трендот на еден од главните двигатели на домашната екомија во смисла на генерирање вработување и потрошувачка на градежни материјали, изјави Сашо Цветковски, директор на одделот со станбен простор во Cushman &Wakefield FORTONKMKA.

Оттаму оценија дека во услови на пролонгирана криза трендот на намалување на цените ќе продолжи, а проценката е дека до крајот на годината ќе достигне и до 30 проценти и многу градежни компании ќе изгубат интерес за вложување во услови на природно намалување на цената. – Дополнитело, банките го стегаат обрачот на кредитирање и ако се знае дека 70 проценти од продажбите се финансираат преку банкарски кредити ова ќе значи дополнителен предизвик за сите нив. Како плус оптоварување на градежните фирми може да биде и зголемувањето на набавната цена од причина што се очекува цените на материјалите да се качуваат и тоа од минимум 10 проценти до 20 проценти како последица на факторот – недостиг на производство, нагласува Цветковски.

За туристичкиот сектор, најпогодениот од кризата не само кај нас туку и во цела Европа,  покрај веќе донесените мерки за поддршка на туристичкиот сектор кој беше прв на удар од коронавирусот, се подготвуваат и дополнителни мерки за ублажување на состојбата.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски во интервју за МИА рече дека спасот на секторот  годинава го гледа во домашните гости. Некои од неговите предлози за намдинување на состојбата се на хотелиерите неповратно да им се врати туристичката такса што ја платиле лани, на туро-ператорите и туристичките агенции да им се врати процент од девизниот прилив што го оствариле преку реализирани аранжмани, а на превозниците, покрај даночните олеснувања, да им се олесни и регистрацијата на возилата, како и да им се субвенционира дел од потрошеното гориво врз основа на претходно утврдена методологија.

Од Стопанската комората најавија дека следната недела ќе излезат со нов став за состојбите и очекувањата. Нивните активности, како што информираа вчера отаму, досега резултирале со прифаќање на дел од барањата на бизнис секторот, континуирана комуникација за отворени прашања и очекувања за нови позитивни решенија во интерес на стопанството.

-Дел од предлозите за кои се очекува решение се укинување на забраната за извоз на определени средства за дезинфекција по примерот на дозволениот ограничен извоз на заштитните маски и на пченицата, поради очекувањата дека и други земји ќе дозволат извоз на вакви производи и нашите компании да не се дозволи да останат без пласман на другите пазари, како и во период од неколку месеци да се укинат царините за сите репроматеријали и суровини од увоз и инвестициска опрема, неопходни за производството, со цел поддршка на компаниите во нивните извозни активности, рече на прес-конференција Билјана Пеева Ѓуриќ од Стопанската комора.

Министерството за финансии очекува пад на економијата од околу 3,7 проценти годинава, за разлика од проекциите на ММФ кои предвидуваат пад од четири отсто. Најголемиот удар се очекува во вториот квартал, одредена контракција во третиот квартал, значително помала од вториот и стабилизиација и позитивен економски резултат во четвртиот квартал

Видео на денот