За Билал Касами, Тетово е „албанско седиште во Северна Македонија“

Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Тетово од редовите на Беса, Билал Касами, денеска со објава на Фејсбук ги пречека градоначалниците-Албанци од косовски и српски општини, со кои разговараа за развој на туризмот.

Во објавата, Касами пишува „Добредојдовте во албанското седиште во Северна Македонија“, а во неа има две фотографии на кои се Касами и гостите.

Mirë se erdhët në kryeqendrën shqiptare në Maqedoninë e Veriut! 🇦🇱

Posted by Bilall Kasami on Wednesday, March 22, 2023

Формулацијата, во која градоначалникот го нарекува Тетово албанско „седиште“ (во буквален превод: главен центар), наиде на негативни реакции кај граѓаните-Македонци, кои го обвинуваат Касами дека се занимава со празен национализам, наместо да ги решава проблемите во една од најлошо менаџираните општини во државата. Тие реагираат дека „седиштето“ на Албанците со децении се дави во низа урбани проблеми, а животот во градот е подеднакво тежок предизвик за сите, без оглед на нивната националност.

„Да, главен град на загаден воздух, нечисти улици, 20 метра недовршени асфалти, кучиња, град без паркови, мафија итн. На тоа си ти градоначалник и ништо друго“, вели еден од граѓаните во коментар под објавата на Касами.

На националистичката реторика на тетовскиот градоначалник реагираше и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, тетовецот Даријан Сотировски.

„Тетово е еден убав македонски град во кој живеат и коегзистираат различни народи, култури и религии, како негово богатство. А, доколку некој сака да го прогласи за главен по нешто, добро е да појде од тоа со кое стварно предводи и е главен дури и на ниво на цел Балкан, односно по урбаниот хаос и мафија, по отсуството на елементарно зеленило, парк и спортски содржини, како и целосната закоравеност и затвореност на Општината за граѓанска вклученост, современи проекти и промени, и нејзина посветеност исклучиво на популизам и квази национализам од кои на секој пристоен човек му се гади“, пишува Сотировски.

Тетово е еден убав македонски град во кој живеат и коегзистираат различни народи, култури и религии, како негово…

Posted by Даријан Сотировски on Wednesday, March 22, 2023

Реагираше и Либерално-демократската партија (ЛДП), од каде најстрого ја осудуваат скандалозната објава на Касами, додавајќи дека Македонија е мултиетничка држава.

„Во недостаток на идеи и проекти дел од опозициските партии продолжуваат да играат на картата на национализмот и да се обидуваат да ги влошат меѓуетничките односи и да ги разнишаат европските вредности. Либерално-Демократска партија упатува порака дека Македонија е мултиетничка држава и Тетово е и ќе биде мултикултурен град, а не главен град на Албанците. Како либерал-демократи, секогаш приоритет ќе ни биде почитување и обезбедување еднакви права и можности за сите граѓани на Македонија. Симптоматично е што оваа објава доаѓа само неколку недели по барањето за формирање Заедница на албански општини, по теркот на она што се договара за Косово, барање кое дојде од Алтернатива, уште една опозициска партија од албанскиот политички блок“, велат од партијата.

 

Касами се правда за објавата со „Тетово-албански центар“, од СДСМ му порачаа дека е изгубен во просторот

И коалицискиот партнер на Касами, ВМРО-ДПМНЕ, ја осуди скандалозната објава со „Тетово-албанско седиште“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот