За Ахмети Рамковниот е недопирлив, Мицкоски не дозволува дефокусирање
Не е потребна длабинска анализа за да се демаскира манипулацијата на Ахмети кога станува збор за Законот за употреба на јазиците и претстојната расправа за неговата уставност. Расправата тој ја изедначува со нови преговори за Рамковниот договор, што не е точно зашто јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението е само еден од столбовите на Договорот и, што е најважно, никој не зборува за негово укинување, ниту политиката, ниту Уставниот суд.
Нема да дозволиме повторно преговарање на Рамковниот договор, тој е недопирлив. Апсурден и неприфатлив е повикот на Уставниот суд за еднострана јавна дебата за Законот за јазиците, а отворање дебата за албанскиот јазик е еднакво на поништување на Охридскиот договор, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети откако Уставниот суд одлучи прво да се одржи подготвителна седница, пред да се одлучува за уставноста на Законот за употреба на јазиците.
Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека нема да дозволи да помине стратегијата на Ахмети за поларизација на населението, особено не етничката.
Ахмети синоќа од собир во Гостивар остро ја осуди одлуката на Уставниот суд за подготвителната седница. Според него, таа е еднострана и затоа е апсурдна и неприфатлива.
– Охридскиот договор е мировен и не може да биде доведен во прашање или повторно преговаран од никого, а особено не од орган што нема ниту надлежност ниту легитимитет за тоа. Законот за јазици, кој е дел од Договорот ги гарантира еднаквите права за сите граѓани и претставува извонредно достигнување за мултиетничкиот соживот во Северна Македонија. Одлуката за отворање дебата за него е еднаква на обид за укинување на мировниот договор и создавање непредвидливост за иднината. Охридскиот договор е неприкосновен и секој обид за негово нарушување ќе наиде на силен отпор од Албанците и од ДУИ – порача Ахмети и повика на сеопшта мобилизација за да не се дозволи придобивките од мирот и стабилноста да бидат загрозени.
Премиерот, пак, порача дека Владата нема да дозволи дефокусирање на јавноста од страна на ДУИ, која сака да го заштити капиталот за кој постои основано сомнение дека е криминално стекнат.
– Стратегијата на Али Ахмети и на ДУИ, откако од секаде од светот стигнува потврда за нивното криминално однесување, е да се обидат да ја дефокусираат јавноста и да свртат тема што генерално ќе има цел да го поларизира населението, по можност и етнички. Тоа нема да го дозволиме како влада. Стигаат потврдите за криминалното однесување на оваа политичка структура и гарнитура изминатите 20-ина години. Се работат многу случаи поврзани со високи поранешни функционери на ДУИ и јавноста многу скоро ќе види кој е во суштина вистинскиот мотив на актуелното раководство на ДУИ дека најмалку се грижат за тоа што требало да се грижат, повеќе се грижат да го заштитат капиталот за кој постои основано сомнение дека е криминално стекнат – рече Мицкоски.
Не е потребна длабинска анализа за да се демаскира манипулацијата на Ахмети кога станува збор за Законот за употреба на јазиците и претстојната расправа за неговата уставност.
Расправата за уставноста на Законот или на делови од него, Ахмети ја изедначува со нови преговори за Рамковниот договор, што не е точно зашто јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението е само еден од столбовите на Договорот и, што е најважно, никој не зборува за негово укинување, ниту политиката ниту Уставниот суд.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски повеќепати повтори дека манипулација на политичарите е дека се доведува во прашање употребата на албанскиот јазик, дека укинуваат нечии права.
Кога лидерот на ДУИ зборува за „еднострана јавна дебата за јазикот“, алудирајќи на подготвителната седница на Судот, тогаш треба и да каже дека судиите Албанци и судијата Турчин ја напуштија седницата за уставноста на Законот и најавија дека ќе ја бојкотираат и подготвителната седница, што, пак, Ахмети и ДУИ го користат како доказ дека без присуство на судии од заедниците, Уставен ќе одлучува за албанскиот јазик. Од друга страна, од каде знае Ахмети дека на подготвителната седница ќе нема професори по уставно право и експерти од заедниците? И дали ова наведува на заклучокот дека тој и ДУИ креираат атмосфера дека без Албанци ќе се решава за Законот. Манипулација е и тезата дека „самото отворање дебата за албанскиот јазик е еднакво на поништување на Рамковниот договор и создавање непредвидлива иднина“.
Зошто воопшто отворање расправа за Законот би било обид за поништување на Рамковниот е нејасно ако ДУИ и Ахмети се сигурни дека Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Договорот. Или зошто на Ахмети би му пречеле мислењата и препораките на домашните и на странските експерти по уставно право?
Самата ДУИ знае дека некои одредби излегуваат од рамката на Рамковниот, односно Уставот, и се непрецизни. На ДУИ добро ѝ се познати и препораките на Венециската комисија и иако беше на власт, Законот не го усогласи со тие препораки. Впрочем и уставниот судија Осман Кадриу, кој одбра да го бојкотира Судот за расправата за Законот, признава дека тој има пропусти. Тој смета дека до подготвителната седница има време за подобрување на Законот.
– Дотогаш албанскиот политички субјект во Владата и во Собранието има време, а јас дадов и конкретни предлози за да се интервенира и во Законот, бидејќи закон како закон има одредени недостатоци и нејаснотии – изјави Кадриу за телевизијата Алсат.