За 7 години државата од граѓаните собрала две милијарди евра од еколошки такси, а екологијата на нула

скопје човек пешак загадување
фото: ЕПА/ЕФЕ/Ѓорѓи Личовски

Речиси две милијарди евра државата собрала од граѓаните и од стопанските субјекти по основ на еколошки такси во периодот од 2014 до денес, но сепак, воздухот, водите и почвата во нашата земја и натаму се загадени над секоја граница. Да беа искористени за својата намена, овие пари можеа да ги решат сите клучни еколошки проблеми, како е ремедијацијата на најопасните жаришта на индустриското загадување, комплетно ќе се решеше проблемот со аерозагадувањето, ќе се зафатеа сите отпадни води кои сега завршуваат непречистени во реките, голем број на домаќинства со енергија ќе се снабдуваа од фотоволтаици, а Охридското Езеро ќе имаше нов и функционален колектор.

Ова е дел од анализата што ја направи еколошкото граѓанско здружение О2 Иницијатива, тргнувајќи од расположливите податоци за собраните еколошки такси на годишно ниво од 2014 до 2019 година, како и проекциите за 2020 и за годинава. Според нив, за овој период, помеѓу 1,6 и 1,8 милијарди евра вкупно биле собрани како даноци за животната средина, додека пак проектираните и реализираните буџетски средства наменети за заштита на животната средина биле неколкукратно помали.

За периодот од 2014 до 2019 година планираниот буџет за екологија се движел помеѓу 12 и 19 милиони евра годишно, а реализирани биле проекти во износ од 12, 5 до 28,8 милиони евра за истиот период, на годишно ниво. Од друга страна пак, за истиот период од граѓаните и од стопанските субјекти биле наплатувани помеѓу 149,1 до 219,1 милиони евра на годишна основа.

„Оваа година повторно сите собрани средства од даноците за животната средина, повеќе од 220 милиони евра, не се планирани за намалување на загадувањето и заштита на животната средина“, велат од О2 Иницијатива.

Проектираниот буџет, пак, наменет за животната средина, за 2022 година е најголем од 2014 година и тој изнесува 58,9 милиони евра. Од О2 предупредуваат дека за видливи промени на еколошки план во Македонија е потребно многу поголем дел од собраните пари државата да го вложи во поправање и унапредување на состојбите во животната средина и за решавање на најгорливите еколошки проблеми.

„Ниту една Влада од сега не го направи тоа што е потребно со парите собрани за таа цел. Доста е“, велат екологистите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот