За 625 првачиња во Кисела Вода на подарок ранчиња со прибор за настава

Првачиња, Фото: Архива

Вкупната сума што Општина Кисела Вода ќе ја исплати за реализација на овој проект ќе биде позната по завршувањето на целосната тендерска процедура

Сите првачиња што ќе започнат да следат настава оваа учебна година во некое од основните училишта во Кисела Вода, од Општината ќе добијат ранче со прибор за настава како подарок од Општината. Како што информираат од локалната самоуправа, реализацијата на овој проект насловен како „Ранче за секое прваче“, ќе има за цел барем малку да им ги олесни финансиските трошоци на родителите при уписот на своето дете во училиште.

Од Кисела Вода објаснуваат и дека со цел проектот да се реализира навремено, во моментов е во фаза на тендерска постапка.

-Во фаза на тендерска постапка е проектот „Ранче за секое прваче“, преку кој сите првачиња што од овој септември за првпат ќе седнат во училишните клупи, од Општина Кисела Вода ќе добијат бесплатна училишна чанта со неопходниот прибор за настава. На овој начин, финансиски ќе им помогнеме на сите семејства што имаат првоодделенци – објаснуваат од локалната самоуправа.

Оттаму велат дека, според податоците што ги имаат, станува збор за вкупно 625 дечиња, кои оваа учебна година за првпат ќе седнат во училишните клупи и ќе го започнат воспитно-образовниот процес во училиштата на територија на Општина Кисела Вода.

-Станува збор за 625 запишани првачиња во сите основни училишта на територија на општината Кисела Вода и за сите нив, без исполнување на дополнителни критериуми,  учебната година ќе започне со бесплатен ранец и бесплатен училиштен прибор. Вкупната сума што Општина Кисела Вода ќе ја исплати за реализација на овој проект ќе биде позната по завршувањето на целосната тендерска процедура – велат од Општина Кисела Вода.

Освен овој проект, во иднина ќе работат на реализација на други проекти, а во изминатиот период се работело и на подобрувања во сферата на дигитализацијата, но и на подобрување на условите во училиштата во кои се одвива наставата.

-Од проектите со кои и годинава ќе продолжиме да го унапредуваме образовниот процес, ќе го издвоиме и целосното опремување на кабинет по информатика со најсовремена опрема во ООУ „Круме Кепески“. Исто така, од овој септември, Општина Кисела Вода ќе го има првото целосно инклузивно основно училиште во Скопје. Откако ги заменивме покривот и фасадата на ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, започнавме и со изградба на лифт за деца со попреченост, која е во завршна фаза. Заедно со пристапните рампи, специјалните тоалети, изградбата на паркинг-места за лица со посебни потреби, ова основно училиште ќе биде целосно опремено да одговори на потребите на учениците што имаат попреченост. Со силна динамика, ќе продолжи и унапредувањето на наставниот процес во сите останати општински училишта – информираат од Општина Кисела Вода.

Општинарите исто така потсетуваат и дека, во изминатата учебна година, веќе обезбедија компјутер за секоја училница од 11-те објекти на сите основни училишта за наставниците во целост да можат да си ги вршат работните обврски, а истото овозможува подобра примена на ИКТ во наставата.

-Преку донација обезбедивме и 17 паметни табли, потоа таблети за учениците од ООУ „Рајко Жинзифов“, симбол на кинеско-македонското пријателство, а паралелно работевме и во обнова на училишните објекти. Целосно реконструиравме две спортски сали, во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ и во „Партенија Зографски“. Отворивме и две сензорни соби во ООУ „Кузман Шапкарев“ и во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот