За 5 години се затвориле 143 текстилни компании

Со олеснувањето на условите за вработување од германската влада, проблемот со одлив на наши работници може да биде уште понагласен.

Бројот на текстилните и на кожарските компании како и бројот на вработените во овие сектори во континуитет се намалува. Во 2008 година во овој сектор имало 43.000 работници, а сега има 30.000 работници.

Пред десетина години уделот на текстилните и на кожарските работници во преработувачкиот сектор бил 37,9 отсто, а во 2018 година изнесувал 28,8 отсто. Во 2012 година имало 1.096 текстилни компании, а на крајот од 2017 година биле 953, или 143 престанале да работат.

Овие податоци ги презентираше Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната и кожарската индустрија при Стопанската комора, при што како најголем проблем што доведува до опаѓањето на текстилниот сектор, го наведува заминувањето на младите во странство.

– Со олеснувањето на условите за вработување од германската влада, овој проблем може да биде уште понагласен. Во таа насока сме исправени пред три големи предизвици: владеењето на правото, реформи во образованието и структурни реформи – рече Димитров.

Тој нагласи дека во текстилниот сектор има значајно зголемување на платите. Сега просечната плата на текстилните работници е 17.816 денари, додека во 2009 година била 9.135 денари.

За универзитетскиот професор Дарко Лазаров, порастот на платите во текстилната и во кожарската индустрија не е следен со раст на продуктивноста.

– Продуктивноста на трудот, односно додадената вредност, на годишно ниво е 4.625 евра по работник, а за трошоци на трудот одат 3.900 евра, односно 85 отсто. Во преработувачката индустрија тој сооднос е половина за труд, половина за капитал. Оваа граница во текстилната индустрија не може да се надмине, односно платите не може да се зголемат повеќе – тврди Лазаров.

Димитров тврди дека во текстилната компанија, освен неколку компании, другите имаат мал профит. Но тој потенцира дека е неопходна модернизација и автоматизација за да се зголеми продуктивноста на трудот.

– Банките се ликвидни и нема проблеми со давање кредити, но има проблеми од другата страна – компаниите се плашат да инвестираат пред сè поради недостиг на кадар. Дел од оние фирми, пак, што акумулирале капитал се пренасочуваат во друга дејност – вели Димитров.

Вкупниот извоз на текстилната индустрија (облека, обувки и кожа) лани изнесувал 543 милиони евра што е 8,5 отсто учество во вкупниот извоз на државата, но воедно и намалување од 6,5 проценти во однос на извозот во текстилната индустрија во 2018 година кога вредноста била 581 милион евра или 38 милиони помалку.

Коронавирусот во Италија опасен за нашите чевлари

Постојат повеќе компании од Македонија од секторот чевларство што соработуваат со Италија.

– Најголемиот дел од компаниите работат за италијански партнери и се под закана дека нема да можат да обезбедат суровини и да ги пласираат своите производи ако се влоши состојбата со коронавирусот во Италија. Тоа ќе биде повод за затворање на повеќето компании – вели Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилна и кожарска индустрија на Стопанската комора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот