За 10 минути ќе знаете дали имате ковид-19!

Тест за детекција на коронавирус при клиника Жан Митрев / Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Експресните тестови го детектираат вирусот, а не антителата, што значи дека ќе се знае дека пациентот кој е позитивен во моментот е носител на вирусот, а не дека го прележал.

Министерството за здравство наскоро ќе воведе експресни тестови што за 10 до 15 минути покажуваат дали некој е носител на вирусот ковид-19. Станува збор за тестови што го детектираат вирусот без лабораторија и без лабораториски апарат. Од Министерството за здравство за ,,Слободен печат“ појаснуваат дека подготовките за набавка се во последна фаза.

– Тие тестови ќе бидат дистрибуирани пред сè во болниците и во соработка со Центрите за јавно здравје веројатно и на граничните премини. Во болниците ќе се овозможи многу брз резултат на пациентите што доаѓаат во итна состојба или, пак, на оние на кои им е потребна некаква интервенција. При нивната употреба нема да има потреба од лабораториски апарат, а вработените за 10 до 15 минути ќе знаат дали пациентот е позитивен или негативен. Со тоа точно ќе се знае дали пациентот треба да биде упатен по патеката за корона позитивни пациенти во делот на болниците – појаснуваат од Министерството за здравство.

Истите експресни тестови ќе се употребуваат и на граничните премини, за на премините да се детектираат и евентуално да се изолираат сомнителни лица или групи што доаѓаат од странство.

И досега во две клиники, на Гинеколошко акушерската и на Инфективната клиника, имаше брзи тестови, околу 3.000 на број, кои се користеа исклучиво за итните пациенти пред пораѓање или пред итна хируршка интервенција, а резултатот го даваа за 45 минути. Со новите тестови, што даваат уште побрзи резултати, ќе може да бидат тестирани поголем број граѓани, а притоа чекањето ќе биде пократко, како и трошоците, со оглед на тоа што не е потребно да се набавува никаква апаратура и да се чека за испорака, нешто што во корона-кризата се покажа како проблем поради рестрикциите на царините и застојот при транспортот.

Експресните тестови го детектираат вирусот, а не антителата, што значи дека ќе се знае дека пациентот кој е позитивен во моментот е носител на вирусот, а не дека го прележал. Тестирањето ќе се врши врз земен брис, а се употребува мала плочка и целата постапка не бара ниту голема експертиза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот