Вурму: Во Албанија се уште има луѓе и семејства кои чекаат да се вратат во домовите погодени од земјотресите

Каква е атмосферата во Тирана, Албанија по супер-успешната донаторска конференција во Брисел, на која ЕУ и други држави донираа материјални средства и поволни кредити за обновата после земјотресите за Утрински брифинг на „Слободна ТВ“ говореше Ѓерѓи Вурму, програмски директор на Институтот за демократија и медијација во Тирана.

„За сега оптимизам. Но исто така фалат информации. Знаеме дека најголем дел од помошта се кредити, 300-400 милиони евра грантови. Се уште не знаеме какви се условите на кредитите и не знаеме како точно и кога ќе почне помошта да се дистрибуира за Албанија“, вели Вурму.

Тој рече дека во подрачјето на Драч и некои делови од Тирана се започнати градежни интервенции, но се уште има луѓе и семејства кои чекаат да се вратат во домовите. Државата почнала со расчистување на подрачјата, но се уште се планира како ќе оди градењето на новите домови.

Околу евентуалните последици врз туризмот од серијата земјотреси кои ја погодија земјата, Вурму вели дека Драч особено ќе биде погоден.

„Мислам дека Драч ќе има тешка сезона. Во последните години јужна Албанија има развиено многу повеќе за туризмот и се разбира дека ќе се осетат последиците, но за таму нема да биде голем проблем“,

Датумот на почеток на преговорите и проценката на политичките кругови во Албанија

За датумот на почеток на преговорите и проценката на политичките кругови во Албанија околу претстојниот извештај на ЕК, Вурму вели дека политичката криза во Албанија се уште трае.

„Како и секогаш во Албанија има две верзии на истиот настан. Едната на Владата – оптимистичка, и една на опозицијата која се фокусира на домашните случувања и условите кои земјата треба да ги пополни за да добие датум за преговори. Но, последните изјави на Макрон се доста охрабрувачки. Новата методологија оди во тој прилог, значи Французите имаат нешто за кое ќе се фалат, односно добија нешто што они сакаат, инаку во суштина новата методологија е политички колку и технички процес. Техничкиот зависи од државите кандидатки, а политички процес кој зависи од земјите членки на ЕУ“, изјави Вурму.

Тој вели дека новата методологија предвидува многу блиска координација со државите членки. Според него тоа може да е добра и лоша вест. Добра затоа што ЕУ се повеќе има да ги нагласи политичките критериуми, но и околност која може да се злоупотреби од внатрешните политички случувања на земјите членки во самата Унија.

„Можеби сега ќе добиеме датум, но во секој случај мислам дека суштински нема да се смени нешто во процесот. Ќе видиме колку Македонија и Албанија ќе напредуваат и како државите членки ќе се однесуваат. Мислам дека е рано за оптимизам“, вели за Утрински брифинг на „Слободна ТВ“ Ѓерѓи Вурму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот