Вујовиќ: Далеку сме од сериозен модерен ракомет, позицијата среден бек не е најдобро пополнета

Трет пораз за Веселин Вујовиќ со Вардар во Лигата на шампионите оваа сезона/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Екипата на Вардар 1961 ја продолжи серијата порази во Лигата на шампионите, вечерва во СЦ „Јане Сандански“ загуби и од Кил.

„Црвено-црните“ после доброто прво полувреме, во второто германскиот гигант направи пресврт и на крајот ги освои бодовите во Скопје.

– Честитки до Кил на заслужената победа, ние и пред натпреварот знаевме дека кај противникот недостасуваат неколку играчи, со надеж дека можеме на крајот да победиме, иако станува збор за неверојатно силен ривал, искусен противник, секој викенд игра вакви мечеви.

Во првото полувреме тоа делуваше до некаде за нас, многу се мачевме во нападот, добриот резултат кој го имавме беше повеќе од успешна одбрана и многу добар Томовски во првото полувреме, а имавме големи проблеми во нападот, не можевме да ја решиме играта „6 на 6“, бековите денеска беа апсолутно надвор од играта, шутерски бевме рамно на нула. Така што пробавме да играме некоја варијанта „7 на 6“ која е огромен ризик, создава нервоза и кај нас на клупата, кај гледачите. И потоа во второто полувреме во еден момент имавме три разлика и застанавме.

Не знам што се случи, направивме технички грешки, примивме и некои лесни голови, примивме 19 голови, не успеавме да се адаптираме. Има некои играчи кои треба добро да размислат дали од пола сезона ќе останат членови на Вардар, бидејќи очекуваме повеќе, ако сакаме да направиме нешто повеќе, тие играчи мора да го оправдаат тоа – изјави Вујовиќ по мечот со Вардар.

Слично како и на дуелот со Монпелје, се правеа многу технички грешки, слаба реализација…

– На спротивната страна кога имате противнички голман како Ландин, тој им прави голем притисок на шутерите. И јас како тренер ако треба да имаме некој изговор, не можам да верувам што се случува со некои играчи, зошто немаат храброст да шутнат. Се трудиме да играме еден модерен сериозен ракомет, но ние не сме сеуште на тоа ниво. Јас сфаќам кој не може да игра во акција „7 на 6“, кој не може да игра со играч повеќе, кој може во одбрана, за тренинг, за натпревар, за тоа е потребно време.

Тоа што се случуваше на последните тренинзи ми даваше надеж дека можеме подобро да одиграме и денеска одеднаш во еден момент, правиме куп технички грешки, им ја даваме топката во нивните раце, примаме неколку лесни голови што тоа апсолутно ќе ти направи пукнатина во психата, затоа што штом Кил е тука на еден разлика, ти сметаш дека тој може за три минути тоа да го стигне. Видовте како тие трчаат, тие играат шест-седум години заедно, ние само три-четири месеци. На нам останува да работиме, следува ЕХФ пауза, се обидеме да ја прекинеме негативната низа, ако не се случи тоа, ќе се бориме за шесто место за да се пласираме понатаму. Евидентно е дека на позицијата среден бек не е најдобро пополнета, да најдеме играч кој во овој момент не го гледаме на пазарот со тој квалитет кој би ни помогнал, но имаме и други работи кои мора да ги поправиме и без позицијата среден бек – се зборовите на тренерот на „црвено-црните“.

Следниот меч Вардар 1961 во ЛШ ќе го има на гостински терен против Пик Сегед во Унгарија на 18 ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот