Во првите четвртфинални натпревари во СЕХА-лигата победи остварија Загреб и Мешков Брест.
Екипата на Загреб која ја предводи поранешниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, оствари голема победа од 21:25 на гостувањето кај Татран Прешов и со едната нога е веќе на завршниот Ф4 турнир.
Домашниот тим беше подобар противник само на почетокот од натпреварот кога поведе со 7:2, по што на теренот доминираа ракометарите на хрватскиот тим. Одлучувачки момент за победата беше серијата од 5:0 во второто полувреме.
Давид Мандиќ беше најпрецизен во редовите на Загреб со шест гола, а Хрстиќ, Гаџа и Шипиќ постигнаа по четири гола, додека кај домашниот тим, Педро Пачеко даде девет гола.
Предноста на домашниот терен ја искористи Мешков Брест кој со 30:28 го совлада Мотор Запорожје. Александер Шкурински со шест голови беше најпрецизен кај домашниот тим, додека во редовите на Мотор, Олексиј Ганчев даде шест голови.
Утре ќе се играат и останатите два четвртфинални натпревари, во кои Вардар гостува во Хрватска (17 ч.) кај Нексе, додека унгарскиот Веспрем и гостува на Војводина.