Вучиќ по средбата во Охрид: Постигнат е некаков договор, ништо не сум потпишал

Александар Вучиќ
Александар Вучиќ / EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Направивме добар исчекор во конструктивна атмосфера и ќе почнеме нешто да работиме. Секако не беше ден Д, но мислам дека беше во ред, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ по 13-часовната средба во Охрид.

Вучиќ посочи дека се договорени неколку точки кои ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни – и за Белград и за Приштина и дека една од клучните која е важна за српската страна, како што рече, е тоа што веднаш треба да бидат формирани заедници на српските општини на Косово.

„Во имплементациониот план за нас е значајно што како приоритетна обврска е ставено формирањето на заедници на српските општини и морам да кажам дека сум задоволен со тоа. Знам дека и вечерва албанската страна ќе зборува затоа што ништо не сум потпишал и ништо не потпишав денеска. Мислам дека двајцата ставивме до знаење кои се нивните и кои се нашите црвени линии, но мислам дека направивме добар исчекор во конструктивна атмосфера и ќе почнеме нешто да работиме“, рече Вучиќ.

Имплементациониот план, како што рече, сигурно ќе биде проширен, иако, додаде, лично не би му пречело да остане ваков. Треба да се направи и декларација за исчезнати лица и донаторска конференција за пет месеци.

„Сметам дека ако е можно кога разговарате за тешки и непопуларни работи, да кажете дека имате зрно задоволство, можам да кажам дека имам зрно задоволство“, изјави српскиот претседател.

Најави дека уште утре на граѓаните на Србија ќе им ја претстави секоја од точките во имплементациониот план, а од понеделник дека ќе има консултации со сите пратенички групи во Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот