Вучиќ: Од петок лебот поевтинува за три динари, ќе бараме ММФ да не ја зголемува цената на струјата

Претседателот на Србија Александар Вучиќ вечерва изјави дека од петок 9 јуни лебот „сава“ поевтинува за три динари и наместо 57 динари ќе чини 54 динари и најави дека ќе побара од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да не ја покачуваат цената на струјата.
„Цената на лебот ќе биде пониска за пет проценти, тоа ни е важно поради запирање на инфлацијата, трендовите се добри, инфлацијата запира и малку паѓа, но мораме да го забрзаме тој процес“, рече Вучиќ во говор во Претседателството, објави порталот Данас.
Тој додаде дека ќе побара од ММФ да не ја зголемува цената на струјата, на што Србија се обврза во септември, бидејќи властите сметаат дека нема „проблеми со финансиите“. Сметаме дека е поважно тоа да не влијае на зголемувањето на другите цени за да можеме побрзо да ја спуштиме инфлацијата на осум проценти, па следната година да се мачиме да ја спуштиме на 3-3,5 или четири проценти“, рече Вучиќ.