Вучиќ на Генералното собрание на ОН ги обвини западните земји дека со признавањето на Косово брутално ја погазиле повелбата

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во обраќањето пред Генералното собрание на ОН, ги обвини западните земји дека со признавањето на независноста на Косово „брутално ја погазиле“ Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата 1244, како и дека „ги негирале сите принципи што денеска ги бранат“.
Сепак, посочи тој, Србија и сите нејзини институции работат на зачувување на дијалогот со Приштина под покровителство на Европската унија.
„Тоа е наша задача. Дијалогот е можен само ако сите ние, вклучително и европските посредници, цврсто се држиме до договореното. Нерамнотежата, на која Србија секогаш мора да попушти, не води до решение на проблемот. Напротив“, рече Вучиќ.
Во ОН, Вучиќ ги обвини властите во Приштина и премиерот на Косово, Албин Курти, за зголемено етнички мотивирано насилство врз Србите.
Србија не ја признава независноста на Косово, прогласена во 2008 година.
Претседателот на Србија изјави дека денеска на Косово против Србите се применува голо насилство од сепаратистите на Аљбин Курти.
„Само минатата недела Аљбин Курти во Брисел рече дека Србите ќе платат и ќе страдаат. Дали е можно полошо да се исмеваме со човештвото и меѓународниот поредок. Само еден ден подоцна, токму сега, беше однесен нов контингент Срби, уапсен во неговата кампања на терор“, истакна тој.
Вучиќ рече и дека цинизмот на режимот на Курти оди дотаму, што иако ЕУ и Америка издадоа соопштение во кое го осудија насилството на властите во Приштина, бројот на нападите врз Србите скокна.