Вучиќ и Курти денеска на одвоени средби со Столтенберг

Фото: Архива на „Слободен печат“

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска, на одделни средби во Брисел ќе разговараат со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, ден пред новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.

Столтенберг прво ќе се сретне со Вучиќ, а потоа и со Курти, а по одвоените разговори најавени се прес-конференции за Столтенберг и Вучиќ во 15 часот и 30 минути, а Столтенберг и Курти во 17 часот.

Вучиќ минатата недела изјави дека ќе разговара со Столтенберг поради улогата што НАТО и КФОР ја имаат во Косово, потсетува Бета.

– Тоа ќе бидат понатамошни разговори за воспоставување добра соработка, добра комуникација, што е многу важно во моменти на криза. Се надевам дека ќе имаме добар разговор. Веќе имавме телефонски разговор и се договоривме да седнеме и да разговараме за сите проблеми во Косово, особено на север, рече Вучиќ.

За утре е најавена нова рунда од дијалогот Косово-Србија, а ЕУ соопшти дека ќе се разговара за сите отворени прашања, повторувајќи дека за Брисел „најважно е двете страни да ги прекинат непријателствата, со запаливи пораки и тензии и да постапуваат одговорно”.

Вучиќ во пресрет на дијалогот рече дека е клучно да се донесе одлука за спроведување на договорот за Заедницата на српските општини на Косово.

Курти, пак, вели дека разговорот мора да се фокусира на меѓусебното признавање и рече дека не сака да разговара за спорот околу регистарските таблички и личните карти за Србите во Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот